Интерпол денеска соопшти дека неговата досега најголема операција за заплена на огнено оружје низ Централна и Јужна Америка резултирала со заплена на илјадници парчиња нелегално оружје и дрога во вредност од 5,7 милијарди долари по досега невидена соработка меѓу 15 земји.
Меѓународната полициска организација информира дека властите уапсиле 14.260 луѓе во операцијата, која се одржала меѓу 12 март и 2 април.
При операцијата се пронајдени 8.263 парчиња нелегално оружје и речиси 306.000 парчиња муниција, како и 203 тони дрога и 372 тони средства за производство на наркотици.
Во акцијата учествуваа Аргентина, Боливија, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Ел Салвадор, Гватемала, Хондурас, Мексико, Панама, Парагвај, Перу и Уругвај..
Операцијата се одвиваше во време кога Мексико, со поддршка на 16 американски сојузни држави и неколку карипски земји поднесоа тужба против американските производители на оружје, со цел тие да бидат прогласени за одговорни за овозможување на шверцот на оружје преку граница.
Повеќе од половина од „криминалното оружје“ конфискувано и пронајдено во Централна Америка потекнува од САД, покажуваат податоците на американската агенција за контрола на оружјето АТФ. Таа бројка за Мексико изнесува 70 отсто, а 80 отсто за останатите карипски земји.