Фото: ЕПА

Полицијата на американската држава Мичиген денеска соопшти дека истражува инцидент со пукање во синагогата Темпл Израел во Вест Блумфилд, каде што безбедносните сили се наоѓаат на местото на настанот, пренесе „Си-ен-ен“.

Американските медиуми објавија дека маж вооружен со пушка со возило влетал во најголемата реформска синагога во Соединетите Американски Држави, која се наоѓа во предградието на Детроит, по што бил застрелан од обезбедувањето.

Според лице запознаено со случајот, кое побарало да остане анонимно, возилото се запалило откако удрило во зградата на синагогата Темпл Израел во Вест Блумфилд.

Истражителите сè уште работат на идентификување на напаѓачот и утврдување на можниот мотив за нападот. Извори наведуваат дека истрагата е во рана фаза.

Шерифот соопшти дека обезбедувањето на синагогата во близина на Детроит разменило оган со најмалку едно лице.

Локална телевизија јави дека камион влетал во зградата на синагогата Темпл Израел во Вест Блумфилд.

Телевизиските снимки покажуваат густ чад што се издига од покривот на синагогата, додека на местото на настанот се распоредени десетици полициски возила.

Шерифот на округот Оукленд, Мајк Бушар, на прес-конференција потврди дека обезбедувањето на синагогата разменило оган со најмалку едно лице и дека засега никој не е притворен.

 – Во моментов немаме информации за повредени лица, освен можеби напаѓачот – изјави Бушар за телевизијата „Си-ен-ен“.

Директорот на Федералното истражно биро на САД, Кеш Пател, соопшти дека агенти на ФБИ се на местото на инцидентот и дека првичните информации укажуваат на сообраќајна несреќа со возило и активен стрелец во близина на синагогата.

Канцеларијата на шерифот на округот соопшти дека властите ја евакуираат зградата. Десетици родители пристигнале да ги земат своите деца од образовниот центар во објектот откако полицијата дала дозвола за тоа.

Училиштата во Вест Блумфилд привремено беа блокирани.

Гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, изјави дека внимателно ја следи ситуацијата и нагласи дека еврејската заедница треба да може да живее и да ја практикува својата вера во мир.

Еврејските организации низ Соединетите Американски Држави работат под засилени безбедносни мерки откако САД и Израел на 28 февруари започнаа воена операција против Иран, што дополнително ги зголеми тензиите на Блискиот Исток.