Поранешниот австриски канцелар и поранешен лидер на владејачката Народна партија на Австрија (ОВП), Себастијан Курц во првото интервју по повлекувањето од политичката сцена ја отфрли можноста за враќање и тоа засекогаш.
За виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“, Курц ги отфрли гласините дека би можел да се врати на политичката сцена на претстојното собрание на ОВП, што е закажано за 14 мај.
Тој кажа дека не се радува на лажните гласини за негово враќање во политиката, на кои не се радувал ниту во текот на неговата политичка кариера.
-Можам целосно да го исклучам трајното враќање во политиката. Почнав да се занимавам со политика на 16 години, станав државен секретар на 24 години, а оттогаш бев во владата цели десет години. Имав доволно порции политика – рече тој.
Курц додаде дека е среќен што може да и служи на земјата и дека сега е среќен што може да работи во економијата.
Тој најави дека ќе присуствува на собранието на ОВП со цел да му даде поддршка на канцеларот и лидер на партијата Карл Нехамер и неговиот нов тим.