Имаше пропусти во обезбедувањето на поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе, кој беше убиен за време на предизборен митинг, изјави денеска началникот на локалната полиција Томоаки Онизука.
– Мислам дека е неспорно дека имало проблеми со мерките за обезбедување на поранешниот премиер Абе – изјави на прес-конференција началникот на полицијата на префектурата на градот Нара.
Тој вети дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за истрагата. Сепак, Онизука не кажа за кои конкретни пропусти станува збор.
Ова е првиот атентат врз актуелен или поранешен јапонски премиер уште од 30-те години на минатиот век. Актуелниот јапонски премиер Фумио Кишида пред смртта на Абе го осуди нападот, а јапонската јавност е во шок бидејќи во државата на изгрејсонцето политичкото насилство претставува реткост, а оружјето е контролирано со строги закони.
Водечките јапонски политичари се придружувани од вооружени агенти, но честопати се доближуваат до народот, особено за време на политичките кампањи, кога држат говори и се ракуваат со поддржувачите, наведува „Ројтерс“.
Абе беше застрелан за време на говор во Нара, по што бил пренесен во болница, каде што почина. Полицијата го привела напаѓачот, кој ја признал вината. Осомничениот за атентатот на Шинѕо Абе ѝ кажал на полицијата дека е незадоволен од поранешниот јапонски премиер и оти „нишанел за да убие“, пренесува „Њузвик“.
Станува збор за 41-годишниот Тацуја Јамагами од Нара, кој е уапсен на местото на атентатот. Локалните медиуми пренесоа дека осомничениот три години работел во јапонската морнарица, односно отприлика до 2005 година, повикувајќи се на јапонското Министерство за одбрана.
Според неофицијални информации, нападот е извршен со рачно изработен пиштол. Врз Абе беа истрелани два куршума, а вториот куршум го погодил во грб. Тој бил префрлен во болница, но не покажувал знаци на живот.
Абе беше јапонски премиер со најдолг стаж. Тој ја извршуваше функцијата во 2006 година, а потоа од декември 2012 до септември 2020 година, кога се повлече поради здравствени проблеми. Абе беше наследен од неговиот партиски сојузник Јошиде Суга, а подоцна од Кишида.