Прашањето што ги заинтересира западните воени стратези, научници и аналитичари (а на кое засега ќе биде тешко да се добие одговор) е колку проектилот навистина е нов и од каква технологија е направен. Некои од западните експерти и јавно го поставија ова прашање во медиумите…
Технологијата на новата руска балистичка ракета ги интригира воените стратези и аналитичари
Русија во раните утрински часови во четвртокот погоди воена фабрика во украинскиот град Днепар со, како што тврди, нов проектил, кој го нарече „орешник“. Тоа е прва воена употреба на балистичка ракета со поголем дострел со повеќе боеви глави што може да се одвојат. Станува збор за технологија, односно проектил што првенствено е создаден за нуклеарни напади, иако овој пат руската ракета, за среќа, не носеше такво оружје.
Од официјален Киев стигнаа тврдења дека тие пресметале оти ракетата патувала 11 пати побрзо од брзината на звукот, т.е. со 13.500 километри на час. Американските власти забележуваат дека ракетата е сè уште експериментална и дека Русија има само неколку во нејзина сопственост, што наводно ја прави мала веројатноста дека таа ќе биде редовно распоредена против Украина.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин истакна дека „ќе продолжат со овие тестови, вклучувајќи и во борбени услови, во зависност од ситуацијата и природата на безбедносните закани што се создаваат за Русија“. Неговиот соработник Дмитриј Медведев, пак, порача дека ракетата ќе ја промени „динамиката“ на војната во Украина.
Јасно е дека оваа ракета е предупредувачка порака и за Киев и за западните престолнини. Исто така, јасно е дека руските власти ќе ја пофалат ракетата и ќе ги истакнат нејзините предности. Прашањето што ги интересира западните воени стратези, научници и аналитичари (а на кое засега ќе биде тешко да се добие одговор) е колку проектилот навистина е нов и од каква технологија е направен.
– Би бил крајно шокиран доколку овој ракетен систем има повеќе од 10 отсто нови делови – изјави Фабијан Хофман, експерт за одбрана и докторски истражувач на Универзитетот во Осло, специјализиран за нуклеарно оружје, за „Киев индипендент“.
Хофман смета дека станува збор за приспособена верзија на проектилот „РС-26 рубеж“, првпат бил произведен во 2011 година и успешно тестиран во 2012 година. „Рубеж“ е балистичка ракета со среден долг дострел, тешка 36.000 килограми, способна да носи нуклеарно оружје, со докажан дострел од 5.800 километри. Нејзиниот развој и имплементација беа запрени во 2018 година, во корист на развојот на хиперсоничното возило „авангард“.
Украинската разузнавачка агенција ХУР тврдеше дека „орешник“ е всушност само уште едно име за претходно познатата ракета „кедар“ што Русија ја тестираше во октомври 2023 и јуни 2024 година. Р.С.
Извор од украинскиот Генералштаб повтори дека околу 11.000 севернокорејски војници пристигнале во регионот Курск како поддршка на Русија, но поголемиот дел од нивните сили сѐ уште ја завршува воената обука. Москва ниту го потврди ниту го демантира присуството на севернокорејските сили во Курск
И Зеленски се надева на скорашен крај на војната
Украинците ја губат заземената
територија во Курск
Украина загуби повеќе од 40 отсто од територијата што успеа да ја заземе во руската област Курск при упадот во август. Руските сили започнаа серија контранапади, изјави за „Ројтерс“ висок извор од украинската војска.
– Имавме под контрола околу 1.376 квадратни километри територија, а сега, се разбира, таа територија е намалена. Непријателот ги засилува своите контранапади. Во моментов имаме приближно 800 квадратни километри територија под наша контрола и ќе се обидеме да ја задржиме онолку долго колку што е воено можно – рече изворот.
Извор од украинскиот Генералштаб повтори дека околу 11.000 севернокорејски војници пристигнале во регионот Курск како поддршка на Русија, но поголемиот дел од нивните сили сѐ уште ја завршува воената обука. Москва ниту го потврди ниту го демантира присуството на севернокорејските сили во Курск.
– Има шанси војната да заврши во 2025 година. Што се однесува до тоа кога ќе заврши војната… Кога Русија сака да заврши оваа војна. Тогаш кога Америка ќе има посилна позиција. Тогаш кога Глобалниот Југ ќе биде на страната на Украина и на страната на завршување на војната. Ќе биде тежок пат, но сигурен сум дека ги имаме сите шанси да го направиме тоа следната година – изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во разговор со странски медиуми.
Тој прецизира дека постојат соодветни чекори за ставање крај на војната содржани во украинската мировна формула, но во исто време разбира дека Русија нема да ги преземе сите тие чекори. Украинскиот претседател тврди дека сите чекори што ги презема Киев се засновани на Повелбата на ОН.
– Отворени сме за предлозите на лидерите на африканските, азиските и арапските земји. Сакам да ги слушнам предлозите на новиот претседател на Соединетите Американски Држави. Мислам дека ќе ги видиме веќе во јануари и ќе имаме план да ѝ се стави крај на оваа војна – заклучи Зеленски. Р.С.
Германскиот канцелар категорично се противи Германија да ѝ достави
на Украина ракети со долг дострел
Шолц не дава ракети „таурус“ за војната против Русија
Единствено Германија не ѝ помага на Украина со оружје со долг дострел, бидејќи канцеларот Олаф Шолц категорично се противи на испраќање крстосувачки ракети „таурус“ во земјата разурната од војна.
Франција, пак, им се придружи на Соединетите Американски Држави и Велика Британија во сигнализирањето на Украина дека ѝ е дозволено да користи оружје со долг дострел против цели на руска територија, во промена на политиката што ја налути Москва, објави германската новинска агенција ДПА. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави во интервју за „Би-би-си“ дека истрелувањето ракети од Украина кон Русија ќе биде чин на „самоодбрана“. Тој не потврди дали веќе се случило тоа.
Москва силно ја критикуваше изјавата на Баро. Од јули 2023 година, во соработка со Британија, Франција почна да ѝ испорачува на Украина ракети „сторм шедоу“, а француската ознака за идентични проектили е СКАЛП. Ракетата е создадена преку британско-француска соработка. Станува збор за крстосувачка ракета што е тешко забележлива од радарите. Се истрелува од воздух, најчесто лета ниско, има дострел од 550 километри, а боевата глава тежи 450 килограми. Проектилот е доста прецизен. Р.С.
Доколку Јужна Кореја испорача оружје за Украина,
Москва подготвува одговор
Андреј Руденко: Сеул би имал негативни последици!
Русија ќе одговори доколку Јужна Кореја испрати свое оружје во Украина, а таквиот потег на Сеул би имал негативни последици за односите со Москва, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко.
– Сеул мора да биде свесен дека можната употреба на јужнокорејско оружје за убивање руски граѓани конечно ќе ги урне односите меѓу нашите земји. Секако, ние ќе одговориме на сите начини што ги сметаме за неопходни – изјави Руденко за руските медиуми.
Тој истакна дека малку е веројатно дека таквиот чекор ќе ја подобри безбедноста на Јужна Кореја и го повика Сеул внимателно да ја процени ситуацијата и да не презема „непромислени“ чекори.
Руденко истакна дека се надева оти раководството на Јужна Кореја своите одлуки ќе ги заснова на долгорочни национални интереси, а не, како што наведе, на краткорочни опортунистички размислувања што му се пренесуваат од надвор. Р.С.