Џо и Хантер Бајден / Фото: ЕПА

На неколку недели пред да ја напушти Белата куќа, Бајден ја искористи претседателската моќ за да го аболицира својот син пред пресудите што се очекуваа месецов, поради даночни и други противзаконски поведенија поврзани со поседување оружје, за кои е осуден Хантер Бајден. Одлуката на претседателот во заминување се толкува различно: за едни е неочекувана, за други е очекувана. Сепак, факт е дека Бајден за време на претседателскиот мандат ветуваше дека ќе ја врати независноста на Министерството за правда, тврдејќи дека нема да го помилува својот син… Неговата одлука ја разбранува американската јавност и предизвика бурно незадоволство меѓу републиканците, но и меѓу неговите сопартијци демократите. Дали ваквата одлука има потенцијал да ја еродира монолитноста на темелите на американскиот правен систем?!

По одлуката на американскиот претседател во заминување Џо Бајден да го помилува својот син Хантер

Вербата во американската правда е нарушена со помилувањето на Хантер Бајден од страна на неговиот татко, американскиот претседател Џо Бајден, што дополнително ја продлабочи испреплетеноста на политиката и владеењето на правото, коментираат водечките американски медиуми. Одлуката на претседателот во заминување е неочекувана, бидејќи Бајден за време на претседателскиот мандат ветуваше дека ќе ја врати независноста на Министерството за правда и бидејќи постојано велеше дека нема да го помилува својот син.
На неколку недели пред да ја напушти Белата куќа, Бајден ја искористи претседателската моќ за да го аболицира својот син пред пресудите што се очекуваа месецов, поради даночни и прекршоци поврзани со поседување оружје, за кои е осуден Хантер Бајден.
Неговата одлука дојде неколку дена откако специјалниот советник Џек Смит ги отфрли федералните случаи против новоизбраниот претседател Трамп – поради мешање во изборите и постапување со доверливи документи, со образложение дека претседателите не можат да бидат кривично гонети.
Земени заедно, правните контроверзии отвораат прашања во врска со основата на идејата што го поткрепува системот на правда во Соединетите Американски Држави дека сите, дури и претседателите и нивните семејства, се еднакви пред законот.

Дали ова е преседан каков што не е забележан уште од помилувањето на Никсон?

До неделата Бајден не интервенираше во случаите против неговиот син, а Белата куќа секогаш инсистираше дека нема да интервенира, иако се чинеше дека изборниот пораз може да ги смени неговите ставови. Бајден почна да го информира персоналот за својата одлука во саботата вечер, изјави за „Си-ен-ен“ извор запознаен со деталите, а неговиот тим се прегрупира во неделата наутро за да ги дотера деталите.
Помилување ги опфаќа сите потенцијални федерални злосторства што 54-годишниот Хантер можеби ги извршил во текот на една деценија.
Правните експерти специјализирани за помилувањата истакнуваат само уште една личност што досега добила толку широко претседателско помилување – поранешниот претседател Ричард Никсон, кому Џералд Форд му даде целосно помилување во 1974 година.
– Никогаш не сум видел ваков јазик во документ за помилување, кој наводно помилува прекршоци за кои не е донесена ниту пресуда, со исклучок на помилувањето на Никсон – рече Маргарет Лав, која од 1990 до 1997 година служеше на позиција во Министерството за правда посветена на помагање на американскиот претседател за прашањата за помилување.

Доналд Трамп: „Злоупотреба и погрешна правда“

Белата куќа го бранеше помилувањето на Хантер Бајден од страна на претседателот Џо Бајден. Прес-секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека Бајден го помилувал својот син, кој во текот на месецов се соочуваше со казна во два федерални случаи, за да го заштити од потенцијален прогон од политичките непријатели на претседателот во заминување.
Прес-секретарката во понеделникот им рече на новинарите дека Бајден се „борел“ околу одлуката за време на семејниот собир на островот Нантакет по повод Денот на благодарноста. Одлуката беше издадена пред заминувањето на Бајден на официјално патување во Африка.
Републиканците го критикуваа овој потег, а новоизбраниот претседател Доналд Трамп го нарече „злоупотреба и погрешна правда“. Веќе обесхрабрени од нивните ноемвриски порази, демократите сега се незадоволни од помилувањето на Хантер Бајден, при што некои го нарекоа потегот погрешен и немудар, откако партијата со години го критикуваше Доналд Трамп поради наводно игнорирање на законот. Р.С.


Широкото помилување ги опфаќа сите можни законски прекршоци
на Хантер Бајден

Во јуни Хантер Бајден стана прв потомок на актуелен американски претседател што беше кривично осуден, откако поротата во Делавер го прогласи за виновен по три обвиненија за лажење за неговата употреба на дрога на формулар кога купил пиштол.
Во септември тој исто така се изјасни за виновен за федералните даночни обвиненија што вклучуваат непријавување и плаќање на даноците, даночно затајување и поднесување лажна пријава.
Помилувањето – кое ги покрива сите потенцијални федерални злосторства што тој можеби ги извршил помеѓу јануари 2014 и декември 2024 година опфаќа и период надвор од даночните и прекршоците поврзани со поседување оружје.
Тоа датира од годината во која Хантер Бајден стана член на одборот на украинската енергетска компанија „Бурисма“, во време кога неговиот татко, тогаш потпретседател на САД, имаше клучна улога во американската политика кон Киев.
Конгресната истрага летово го обвини претседателот Џо Бајден дека лаже кога одби каква било вмешаност во деловните зделки на неговиот син, иако пропаднаа напорите на републиканците за негово отповикување. Претседателот Бајден негираше дека сторил нешто лошо. Р.С.


Новоизбраниот претседател на САД нема да може да го поништи помилувањето

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп нема да може да го поништи помилувањето кога ќе ја преземе функцијата во јануари. А неговата сеопфатна природа значи дека Министерството за правда нема да може повторно да ја отвори долгогодишната кривична истрага за синот на претседателот, според Самуел Морисон, адвокат специјализиран за помилување што поминал 13 години во Министерството за правда.
– Кога ќе ја преземе функцијата во јануари, Трамп нема да може да го укине помилувањето на неговиот претходник. Моќта на претседателот да помилува луѓе е апсолутна. Доналд Трамп или републиканците нема да направат ништо за да го спречат тоа – категоричен е поранешниот американски обвинител Ниама Рахмани. Р.С

.