Илјадници руски граѓани денеска чекаат во долга редица да му оддадат почит на последниот советски лидер, Михаил Горбачов, иницијаторот на драстични реформи кои помогнаа да се стави крај на Студената војна и го забрзаа распадот на Советскиот Сојуз.
На релативно скромната церемонија на одавање почит нема да присуствува рускиот претседател Владимир Путин.
Одбивањето на Кремљ да прогласи државен погреб ја одразува непријатноста околу наследството на Горбачов, кој ширум светот беше поздравен поради уривањето на железната завеса, но во Русија многумина го обвинуваа за распадот на Советскиот Сојуз и за економските тешкотии заради кои милиони луѓе западнаа во сиромаштија.
Без државни почести и високи гости денеска ќе биде погребан Михаил Горбачов
Путин во четвртокот приватно положи цвеќе на ковчегот во болницата во Москва каде што почина Горбачов. Кремљ објави дека претседателот Путин нема да може да присуствува на погребот поради претходни обврски.
Горбачов, кој почина во вторникот на 92-годишна возраст, денеска ќе биде погребан покрај неговата сопруга Раиса на гробиштата Новодевичи, по прошталната церемонија во импозантната зграда на московскиот Дом на синдикатите, во близина на Кремљ, каде државните погреби се одржуваат уште од советско време.
Денеска луѓето минуваат покрај отворениот ковчег на Горбачов, покрај кој стоеше почесна стража, положуваа цвеќе, а во заднина се слуша сериозна музика.
Покрај ковчегот на Горбачов беа неговата ќерка Ирина и неговите две внуки.
И покрај изборот на престижно место за прошталната церемонија, Кремљ не прогласи државен погреб за Горбачов, соопштувајќи дека церемонијата ќе има елементи на таква церемонија, затоа што ќе има почесна гарда и тоа што е организирана од владата.
Доколку погребот на Горбачов беше прогласен за државен, Путин ќе мораше да присуствува, а Москва ќе мораше да покани странски лидери.
Многу западни шефови на држави и влади кои во нормални околности би присуствувале на погребот сега отсуствуваат поради јазот создаден со почетокот на војната во Украина. Еден од ретките странски политичари кој присуствува на погребот е унгарскиот премиер Виктор Орбан.