Околу 10.000 наставници, професори, ученици, административен и технички персонал излегоа денеска на улиците во Брисел во знак на протест против условите во франкофонското образование во Белгија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Повикот за штрајк и протести во франкофонското образование наиде на огромна поддршка и покрај лошите временски услови. Десет илјади демонстранти според организаторите, седум илјади според полицијата, излегоа на улица да го искажат својот гнев поради антиковид мерките во училиштата, условите за работа за вработените и реформите во образованието.
На наставниците пред Министерството за образование им се придружија и самите ученици, како и административниот и техничкиот кадар од училиштата. Истовремено денеска беше прогласен штрајк на заеднички повик на сите синдикати во земјата.
Гневот во образованието во франкофонскиот дел од Белгија тлее со години, но постојаните промени на мерките против ковид-19 ја прелеаја чашата. Наставниците се жалат дека политичарите ги нарекуваат “суштински“ сегмент на општеството, без притоа да ги конкретизираат тие изјави со мерки и поддршка.
На транспарентите на протестот учениците и наставниците пишуваа меѓу другото “помалку презир, повеќе средства“, “што е многу, многу е“, “образованието не е претпријатие“, искажувајќи го револтот од владините реформи за кои синдикатите велат дека имаат за цел да направат од образовните установи конкурентни фирми и со тоа го доведуваат во опасност неговиот квалитет и иднината на општеството.
На уличката пред Министерството за образование во Брисел немаше доволно место да ги собере сите демонстранти.
Министерката за образование, Каролин Дезир, прими синдикална делегација на средба за време на протестот, но наставниците оттаму излегоа разочарани. Министерката прифати неколку ситни отстапки, но призна пред медиумите дека не се разбираат со наставниците. Таа додаде дека целосно ги почитува наставниците и дека е многу чувствителна на нивните сведоштва.
– Никогаш не сум покажала презир кон нив и тврдам дека секогаш сум била благодарна за нивната работа – изјави министерката.