Иранци во Техеран реагираат на објавата за примирје - Фото: ЕПА

Конфликтот во Персискиот Залив прекинат со очекуван тек на настани

  • Американскиот претседател Трамп рече дека напредокот во разговорите меѓу двете страни го поттикнал да се согласи на прекин на огнот, додавајќи дека Иран презентирал предлог од 10 точки што е „функционална основа“ за преговори и оти очекува договорот да биде „финализиран и консумиран“ во текот на двонеделниот период. Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, изјави дека Техеран ќе ги прекине воените дејствија и ќе обезбеди безбеден премин низ Ормускиот Теснец доколку престанат нападите против него
  • Интересно е што и САД и Иран го претставија постигнатиот договор како победа. Врховниот совет за национална безбедност на Иран го прикажа договорот како триумф над САД, тврдејќи дека претседателот Трамп ги прифатил условите на Иран за прекин на непријателствата. Трамп, пак, за француската новинска агенција АФП изјави дека согласноста за примирје е „тотална и целосна победа“

Соединетите Американски Држави и Иран се согласија за двонеделен прекин на огнот, постигнувајќи договор на помалку од два часа пред истекот на рокот даден од американскиот претседател Доналд Трамп за Техеран за повторно отворање на Ормускиот Теснец упатен до Исламската Република Иран. Соопштението на Трамп за договореното примирје, доцна во вторникот, претставуваше ненадеен пресврт од неговото претходно вонредно предупредување и дојде по посредничките напори на пакистанскиот воен командант, фелдмаршалот Асим Мунир, и неговиот премиер Шехбаз Шариф, кој соопшти дека ги поканил иранските и американските делегации утре да се сретнат во Исламабад.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, изјави дека Техеран ќе ги прекине воените дејствија и ќе обезбеди безбеден премин низ Ормускиот Теснец, преку кој поминува петтина од глобалните испораки на нафта, доколку престанат нападите против него.

Интересно е што и САД и Иран го претставија постигнатиот договор како победа. Врховниот совет за национална безбедност на Иран го прикажа договорот како триумф над САД, тврдејќи дека претседателот Трамп ги прифатил условите на Иран за прекин на непријателствата. Трамп, пак, за француската новинска агенција АФП изјави дека согласноста за примирје е „тотална и целосна победа“.

Почетокот на примирјето зависи од отворањето на Ормускиот Теснец

Израел ја поддржа одлуката за суспендирање на нападите врз Иран за период од две недели, соопшти канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, но нагласи дека примирјето не се однесува на Либан, што е спротивно на коментарите на Шариф, кој рече дека договорот вклучува прекин на израелската кампања во Либан. Либанската државна новинска агенција ННА објави за континуирани израелски напади низ јужен Либан, вклучувајќи артилериско гранатирање и воздушен напад во зори врз зграда во близината на болница во која загинаа четири лица. Израелската војска издаде неколку итни предупредувања до жителите на градот Тир во јужен Либан, велејќи дека ќе ја нападне областа.

Либанската милитантна организација Хезболах го прекина огнот врз северен Израел и врз израелските трупи во Либан вчера во раните утрински часови, како дел од претходно објавеното примирје, изјавија за „Ројтерс“ три либански извори блиски до групата. Се очекува Хезболах, поддржан од Иран, да издаде соопштение во кое ќе го наведе својот официјален став за примирјето и за тврдењето на Нетанјаху дека Либан не е вклучен, соопштија трите либански извори.

Во прв момент не беше јасно колку брзо прекинот на огнот ќе стапи во сила. Израелските медиуми објавија дека ќе започне откако Иран ќе го отвори Ормускиот Теснец и оти Израел очекува иранските напади да продолжат во меѓувреме. Повеќе од еден час по објавата на Трамп, израелската војска соопшти дека идентификувала ракети лансирани од Иран, а експлозии од пресретнати ракети може да се слушнат во Тел Авив.

Земјите од Заливот, вклучувајќи ги Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, исто така, издадоа речиси истовремени предупредувања и активираа воздушна одбрана. Израелските медиуми објавија дека нивната војска возвраќа на местата за лансирање во Иран.

Ирачкиот исламски отпор, исто така, соопшти дека ќе ги прекине операциите во Ирак и низ целиот регион во текот на две недели.

Се очекува финализација на договорот врз основа на предлогот од 10 точки

Американскиот претседател Трамп рече дека напредокот во разговорите меѓу двете страни го поттикнал да се согласи на прекин на огнот, додавајќи дека Иран презентирал предлог од 10 точки што е „функционална основа“ за преговори и оти очекува договорот да биде „финализиран и консумиран“ во текот на двонеделниот период.
– Имаме трансакција од 15 точки, за која повеќето од тие работи се договорени. Ќе видиме што ќе се случи. Ќе видиме дали ќе се постигне тоа – кажа американскиот претседател.

Трамп претходно упати низа остри закани за уништување на секој мост и електроцентрала во Иран доколку Техеран не го отвори Ормускиот Теснец. Тоа ги вознемири светските лидери, ги потресе глобалните пазари и предизвика широка осуда, вклучително и критики од шефот на Обединетите нации и папата Лав Четиринаесетти.

Анкетите во пресрет на среднорочните избори во САД покажуваат дека значително мнозинство Американци се противат на војната и се фрустрирани од растечките цени на горивото. Затворањето на Ормускиот Теснец нагло ги зголеми цените на нафтата и поттикна стравувања за глобален економски пад или и рецесија. Американската администрација за енергетски информации претходно во вторникот предупреди дека цените на горивата би можеле да продолжат да растат, дури и по повторното отворање на теснецот.

Во војната што влезе во шестата недела загинаа над 5.000 луѓе во речиси десетина земји, вклучувајќи повеќе од 1.600 цивили во Иран, според пребројувањата од владини извори и групи за човекови права. Р.С.


Претпазливост околу транзитот низ Ормускиот Теснец

Данската бродска група „Маерск“ соопшти дека прекинот на огнот меѓу САД и Иран може да создаде можности за транзит за бродови во Ормускиот Теснец, но дека сè уште не обезбедил целосна поморска сигурност.
– Секоја одлука за транзит низ Ормускиот Теснец ќе се базира на континуирани процени на ризикот, внимателно следење на безбедносната ситуација и достапни упатства од надлежните органи и партнери. Во овој момент, ние имаме претпазлив пристап и не правиме никакви промени во специфичните услуги – истакнаа од „Маерск“ во изјава за „Ројтерс“.

Војната што започна со американско-израелските напади врз Иран во февруари, проследени со ирански напади низ регионот и затворање на Ормускиот Теснец, го доведе бродскиот сообраќај во заливот речиси до застој, бранувајќи се низ глобалните синџири на снабдување. Р.С.


Позитивна реакција на берзите
Пад на цените на нафтата

Реакцијата на пазарот беше брза по објавувањето на прекинот на огнот, при што фјучерсите на американската сурова нафта паднаа за околу 15 отсто на 96,31 долари за барел, додека фјучерсите на брент исто така паднаа за околу 13 отсто на 94,71 долари за барел. Вредноста на американскиот долар исто така претрпе пад.
Шестнеделниот конфликт ги зголеми цените на нафтата, ги разгоре стравувањата од инфлација и ги фрли во хаос глобалните перспективи за стапките, принудувајќи ги владите и компаниите да се борат за заштита од ненадеен енергетски шок. Р.С.