Илјадници работници во Грција денеска ќе се приклучат на големиот штрајк во знак на протест поради трагичната железничка несреќа во која загинаа 57 лица, а се очекува масовните демонстрации да кулминираат пред парламентот во Атина.
Несреќата на 28 февруари предизвика јавно незадоволство поради катастрофалната состојба на грчката железничка мрежа, за која работниците што штрајкуваат велат дека се виновни за долгогодишното запоставување, недоволно инвестирање и недоволно персонал, што се резултат на децениската должничка криза во земјата, пренесува „Ројтерс“.
Катастрофата предизвика протести низ Грција, при што повеќе од 10.000 луѓе се собраа во неделата во Атина, пуштајќи стотици црни балони на небото.
Железничките работници организираа континуирани 24-часовни штрајкови од четвртокот, доведувајќи ја мрежата во застој, и тие велат дека нивните барања за подобрени безбедносни протоколи не се слушаат со години.
Денешниот штрајк, на кој ќе му се придружат и другите вработени во јавниот сектор, се очекува да го наруши сообраќајот на метрото, трамвајот и автобусите, а траектите ќе останат закотвени бидејќи поморските и пристанишните работници најавија дека ќе се приклучат на протестот.
Синдикатот кој обединува стотици илјади работници во јавниот сектор, исто така повика на еднодневен штрајк и протест поради „смртоносниот криминал“, а голем број студенти и наставнички групи рекоа дека ќе се приклучат на собирите.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во обраќањето до нацијата рече дека „сè укажува на трагична човечка грешка“, но прифати дел од критиките, признавајќи дека децениското запоставување можело да придонесе за катастрофата.