Фото: ЕПА

Самитот, кој е од стратешка важност, се смета за клучна можност за рекалибрирање на односите меѓу Кина и ЕУ, кои во изминатите неколку години се затегнаа поради низа прашања, особено во меѓусебната трговија, кои се очекува да бидат главна тема на меѓусебните средби на највисоките делегации од Кина и од европскиот блок во Пекинг

Кина и ЕУ одбележуваат 50 години дипломатски односи

Справувањето со трговските несогласувања во услови на глобална неизвесност и зголемени геополитички тензии ќе биде во фокусот на самитот на високо ниво меѓу Кина и Европската Унија, кој ќе се одржи утре во Пекинг по повод 50 години од меѓусебните дипломатски врски. Делегацијата од ЕУ ќе ја предводат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кои е предвидено да се сретнат со кинескиот претседател Си Џинпинг и заеднички да претседаваат со самитот со кинескиот премиер Ли Чијанг.
Самитот, кој е од стратешка важност, се смета за клучна можност за рекалибрирање на односите меѓу Кина и ЕУ, кои во изминатите неколку години се затегнати поради суспензијата на Сеопфатниот договор за инвестиции меѓу ЕУ и Кина, загриженоста околу неурамнотежената трговија и поради несогласувањата околу глобалните конфликти, особено војната во Украина.

ЕУ притисната меѓу САД и Кина не може да изнајде урамнотежена и стабилна политика

Соочени со состојбата во која од една страна ЕУ е притисната од зголемената заштитничка политика на САД, а од друга се наоѓаат економската конкурентност и проширувањето на глобалното влијание на Кина, лидерите на европскиот блок не се во можност да изнајдат стабилна и јасна политика со конкретни решенија.
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, во последните неколку месеци имаше променлив став кон Кина, со што изминатиов месец зазеде поцврста позиција опишувајќи ги економските врски на ЕУ со Кина како „неурамнотежени и неодржливи“, при што го повика Пекинг да ги отвори своите пазари и да ги ублажи извозните политики за критичните минерали.
Но континуираната голема зависност на Европа од кинеската трговија, вклучително и во секторите што се клучни за нејзината зелена транзиција и дигитални амбиции, ѝ отежнува на ЕУ да ја претвори својата заострена реторика во акција, и покрај засилениот притисок од Вашингтон за намалување на зависноста од Кина, вториот најголем трговски партнер на ЕУ по САД.
Кина останува еден од најважните економски партнери на ЕУ, при што нивната годишна трговија изнесува речиси 700 милијарди евра, додека европските компании имаат корист од кинескиот пазар.

Трговскиот дефицит, ретките минерали и електричните возила – клучни прашања за ЕУ

Преговарачите на ЕУ сметаат оти не се во можност да обезбедат значителен пристап до кинескиот пазар, со што контролата на Кина врз ретките минерали, кои се неопходни за чиста технологија, производство на чипови и медицинска опрема, претставува уште една спорна точка на конфликт. ЕУ, според Европската комисија, се потпира на Кина за 98 отсто од своите резерви на ретки метали, Кина минатата година воведе ограничувања на извозот на ретки метали, што резултира со доцнења во синџирот на снабдување и прекини во производството за фирмите од ЕУ. Последователно, вредноста на пратките на ретки метали во ЕУ се намали за 84 отсто, на 12,9 милиони евра, во првите пет месеци од годинава, според податоците од кинеската царина.
Растечкиот трговски дефицит на Европа со Кина што достигна 400 милијарди евра минатата година исто така останува клучно прашање додека Брисел го обвинува Пекинг за нарушување на конкуренцијата преку субвенции, ограничување на пристапот до кинескиот пазарот и заштита на своите национални компании од странските соперници. ЕУ исто така воведе царини до 45 отсто за кинеските електрични возила и побара ставање крај на прекумерното кинеско производство, како и реципрочен пристап до пазарот за да се обезбедат еднакви услови за извозниците од ЕУ. Во меѓувреме, Кина сака да ги замени тарифите за електрични возила со обврски за минимални цени, заедно со други отстапки.
Светските медиуми сметаат дека шансите за пробив во решавањето на трговските спорови на самитот се мали, откако Кина ги скрати предвидените дводневни разговори на еден ден. Претставниците на ЕУ исто така не очекуваат значителен напредок, особено затоа што редовниот билатерален трговски дијалог, што обично се користи за подготовка на самитот, годинава не се ни одржа.

Кина нуди партнерство негувајќи ги односите со ЕУ

Партнерството и соработката треба да бидат клучни поуки од изминатите 50 години во меѓусебните дипломатски односи, нагласи кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на неодамнешна заедничка прес-конференција во Берлин со својот германски колега, Јохан Вадефул. Шефот на кинеската дипломатија во таа пригода истакна дека односите меѓу Кина и ЕУ напреднале на повисоко ниво и создале сеопфатно стратешко партнерство.
Ванг Ји ги повика двете страни да ја искористат 50-годишнината од дипломатските односи како можност за сеопфатно разгледување и потврдување на важниот увид што го остави историјата, односно оти односите меѓу Кина и ЕУ треба да се карактеризираат како партнерство, при што соработката е дефинирачка карактеристика, независноста е клучна вредност, а добитните резултати се перспектива за развој.
Двете страни, според Ванг Ји, годинава треба преку размени на високо ниво да ги негуваат напорите на претходниците, да го продолжат тешко стекнатиот дух на соработка и заеднички да ги воведат следните 50 години односи меѓу Кина и ЕУ, кои ќе бидат поотпорни и автономни, позрели, постабилни и повизионерски.
Тој ја потврди конзистентноста на политиката на Кина кон Европа, изразувајќи цврста поддршка за европската интеграција, стратешката автономија и улогата на Европа како клучен столб на мултиполарниот свет.
Развојот на Кина е раст на сила за мир во денешниот свет, заклучува Ванг Ји, истакнувајќи дека Кина е подготвена да пружи отворени раце кон сите земји, вклучително и кон европските држави, кои се надеваат дека ќе соработуваат со Кина и ќе ги споделат можностите, во заеднички напор да изградат општество со заедничка иднина за човештвото. М.Ж.