Компанијата која управува со јавниот превоз во Њујорк, МТА, во последните години постепено започна проект за автоматизирање на снимањето на сообраќајните прекршоци, со помош на камери и вештачка интелигенција. Проектот е наменет за возачи кои со своите автомобили ги блокираат сообраќајните ленти резервирани за автобуси, а сето тоа функционира со помош на камери вградени во самите автобуси на јавниот превоз. Тие ја снимаат околината и препознаваат кога автомобилот е паркиран на недозволено место, резервирано за јавен превоз и автоматски му испраќаат предупредување или казна на сопственикот. Или подобро кажано, така треба да функционираат работите во теорија, пренесе Б92.
Дека не е сè совршено тестирано пред пуштањето во работа, стана јасно веќе во првите месеци. Досега, јавуваат локалните медиуми, системот погрешно напишал повеќе од 3.800 казни за погрешно паркирање.
На одредени правци, камерите во автобусите погрешно ги препознаваа почетокот и крајот на лентите за јавен превоз, па нивниот систем со вештачка интелигенција ги класифицираше совршено легално паркираните автомобили како паркирани на недозволено место.
Кога возачите почнаа да добиваат казни, тие беа придружени со фотографии од „прекршувањата“, на кои се гледа дека нивните автомобили се паркирани целосно легално. Врз основа на таквите снимки од автобусите на одредени линии во Њујорк, наместо обични опомени за возачите, автоматски беа издадени повеќе од 3.000 казни, а уште околу 800 беа испратени на адреси на сосема невини возачи.
Од компанијата велат дека грешката била во програмирањето на системот и мапирањето на автобуските ленти и територија, како и во временскиот период и кој смее да паркира во одредени области. Велат и дека ќе бидат укинати сите изречени казни.