Различни ставови за „миротворство“ на премиерите на Израел и Либан
Либанскиот премиер Наџиб Микати изрази надеж дека наскоро ќе биде постигнат прекин на огнот за да му се стави крај на оружениот судир помеѓу Израел и милитантната група Хезболах, додека кабинетот на неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху соопшти дека се неточни тврдењата за очекување прекин на огнот објавени од страна на израелски медиуми.
Микати смета дека клучот за спроведување на примирјето е дали Израел ќе се усогласи со меѓународните резолуции, додека во соопштението на кабинетот на Нетанјаху се наведува и дека борбите во Појасот Газа ќе продолжат сѐ додека не се постигнат сите воени цели против Израел.
САД, Франција, Велика Британија и други западни држави повикаа на итно 21-дневно примирје по должината на израелско-либанската граница, истовремено изразувајќи поддршка за договорот за прекин на огнот во Појасот Газа по дебатата во Обединетите нации.
Примирјето би се однесувало на израелско-либанската „сина линија“ за разграничување меѓу двете земји, со што би им овозможило на спротивставените страни да преговараат за потенцијално дипломатско решение на конфликтот, изјави висок претставник од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Израелските политичари и жителите на северен Израел го осудија американско-францускиот предлог за прекин на огнот
Во меѓувреме продолжува оружениот судир во кој Израел врши воздушни напади врз цели поврзани со Хезболах во јужен Либан, а Хезболах лансира ракети кон Израел, со што се стравува од понатамошна ескалација. Р.С.