Кејт од Австралија на 17 години тежела колку деветгодишно дете. Таа дури и зборувала како мало дете. Си-ен-ен пренесува дека нејзините родители намерно ја изгладнувале за нивната „убава балерина принцеза“ никогаш да не порасне.
Таткото и мајката, кои се на возраст од 40-ина години, беа осудени од страна на судот во Перт на шест и пол, односно пет години затвор. Во текот на процесот, се појавија шокантни детали. Родителите на Кејт не ја испратиле на училиште, туку таа се школувала дома. Така сакале да ја изолираат од другите деца.
Но, ја однеле на балет, а нејзиниот татко и го фалсификувал датумот на раѓање бидејќи девојчето било многу слабо и изгледало многу помладо. Родителите на суд тврдеа дека во куќата секогаш има доволно храна. Тие исто така тврделе дека нивното дете отсекогаш било пребирливо и дека кога таа имала осум години одлучиле да станат вегетаријанци, а подоцна и вегани.
Детето ниту ментално не се развивало во склад со неговата возраст. Кога на 17 години завршила во болница поради неухранетост, станало јасно што навистина прават нејзините родители. Девојчето било високо 1,47 метри и тешко 27 килограми.
Во текот на судењето, судијката дошла до заклучок дека родителите сакале да го направат детето целосно зависно од нив за никогаш да не го напушти семејниот дом. Дури и Кејт и испратила писмо за време на процесот во кое ја замолува да не ги осудува родителите бидејќи не знае како ќе живее без нив.