Шефот на холандската дипломатија Каспар Велдкамп, од центристичката партија Нов општествен договор, синоќа поднесе оставка откако не успеа да обезбеди владина поддршка за дополнителни санкции против Израел.
– Гледам дека не сум во позиција да преземам какви биле значителни дополнителни чекори за да извршам притисок врз Израел – изјави синоќа Велдкамп.
Велдкамп во јули ги прогласи за „персона нон грата“ ултрадесничарските израелски министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич.
Оставката на Велдкамп нема да има политички последици бидејќи десничарската коалиција од јули функционира како привремена влада по излегувањето на ултрадесничарската партија на популистот Герт Вилдерс. Нови избори се закажани за крајот на октомври.
Владата, предводена од независниот премиер Дик Шуф, сега се состои само од десно-либералната Народна партија за слобода и демократија и десно-популистичката партија Движење на земјоделци и граѓани.
Претходно, опозициските партии во Парламентот поднесоа предлог за недоверба на Велдкамп. Тие бараа построги санкции против Израел поради хуманитарната криза во Појасот Газа. Велдкамп тврди дека се залагал за поригорозни санкции, но оти немал поддршка од владата.