Поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон на денешното сослушување пред Конгресот изјави дека не била запознаена со злосторствата поврзани со Џефри Епстин и Гилејн Максвел.
-Немав поим за нивните криминални активности. Не се сеќавам дека некогаш сум го сретнала господинот Епстин – наведе Хилари Клинтон во воведното обраќање, кое го објави и на социјалните мрежи.
Таа и претходно посочуваше дека нејзиниот сопруг, поранешниот американски претседател Бил Клинтон, патувал со Епстин на настани од хуманитарен карактер, но дека лично не се сеќава на средба со починатиот и осуден сексуален престапник. Клинтон потврди и дека имала контакт со Гилејн Максвел, поранешна партнерка и блиска соработничка на Епстин, која присуствувала на свадбата на нивната ќерка Челси Клинтон во 2010 година.
За утре е најавено сослушувањето на Бил Клинтон, што ќе претставува прв случај поранешен американски претседател да сведочи пред Конгресот.
Иако првично Хилари и Бил Клинтон одбиле да сведочат, подоцна ја промениле одлуката откако пратениците започнале постапка за нивно можно обвинување поради непочитување на Конгресот.

































