Генералниот секретар на либанската шиитска групација „Хезболах“, Наим Касем, на погребот на лидерот на движењето Хасан Насрала изјави дека нема да дозволат САД да го контролираат Либан.
– Нема да дозволиме Америка да ја контролира нашата земја. Израел нема да добие со политика она што не успеа да го добие со војна – рече Касем во телевизиски говор, пренесуван на екран на градскиот стадион „Камил Шамун“ во Бејрут.
Касем не беше присутен на стадионот на погребната церемонија на Насрала и неговиот назначен наследник Хашем Сафиедин.
– Денеска му оддаваме почит на историски, национален, арапски и исламски лидер – додаде Касем.
Тој нагласи дека „отпорот сè уште постои и е силен, и во жива сила и во оружје“ и порача дека „Израел мора да ги повлече војските од окупираните територии“.
На погребот на Насрала, кој беше убиен во израелски напад минатата есен, присуствуваа десетици илјади луѓе.
Според ДПА, над 50.000 лица се собрале на стадионот „Камил Шамун“ и во неговата околина.
Церемонијата започна со говор на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи. По молитвата, ковчезите со телата на Насрала и Сафиедин биле внесени на стадионот, а во тој момент четири израелски воени авиони летале ниско над областа.