Фото: Принтскрин/Јутуб - Скај њуз

Израелскиот претседател Исак Херцог денеска изјави дека земјата мора да ги почитува сите клаузули од мировниот план за Газа, кој беше усвоен по предлог на американскиот претседател Доналд Трамп.

Говорејќи на државната комеморативна церемонија по повод 30 години од убиството на израелскиот премиер Јицак Рабин, Херцог рече дека Израел мора „со сите средства и алатки да ги врати телата на сите убиени заложници“ од Појасот Газа, пренесе Тајмс оф Израел.

Херцог додаде дека го поттикнува Израел да „го прошири кругот на мирот“, во чест на Рабин.

– Импресивните достигнувања на Израел на толку многу полиња го променија ликот на Блискиот Исток, како и силниот и храбар сојуз со САД, со американската администрација под претседателот Трамп, која води решителен и историски напор за проширување на кругот на мирот и нормализацијата во регионот. Сето ова ни отвора огромни можности. Во многу аспекти, ова е остварување на визијата на Рабин – рече Херцог.

Тој истакна дека „Израел отсекогаш сакал мир со сите соседи“ и оти мора да продолжи да го прави тоа, но дека постигнувањето мир зависи и од соседите, особено од Палестинците.

Херцог повика на единство во Израел, предупредувајќи дека претстојната изборна година веројатно ќе биде „затегната“.

Јицак Рабин, премиерот на Израел и водечка фигура во мировниот процес на Блискиот Исток, беше убиен на 4 ноември 1995 година во Тел Авив. Атентатот беше извршен во моментот кога тој влегувал во својот автомобил по завршувањето на политички собир за мир и против насилство, на Плоштадот на израелските кралеви во Тел Авив, а атентаторот кој бил уапсен на лице место бил млад националист, 27-годишен студент по право, Игал Амир од Херцлија.