Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, упати остро предупредување до Иран, порачувајќи дека Техеран мора доброволно да го предаде збогатениот ураниум, во спротивно САД се подготвени да го одземат со сила.
На заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, Ден Кејн, Хегсет истакна дека, и покрај прогласеното примирје, американските сили остануваат распоредени на Блискиот Исток за да обезбедат почитување на договорените обврски.
– Примирјето е само пауза. Подготвени сме во секој момент да продолжиме со операции доколку договорот пропадне – порача Кејн, додавајќи дека воените цели на САД во Иран биле постигнати.
Според американските претставници, во изминатите 38 дена биле погодени повеќе од 13.000 цели, при што уништени се голем дел од иранските ракетни, дронски и одбранбени капацитети, како и делови од енергетската инфраструктура.
Хегсет оцени дека САД постигнале „одлучувачка воена победа“ и дека притисокот го натерал Иран да се врати на преговарачката маса. Тој додаде дека Вашингтон има капацитет целосно да го блокира иранскиот енергетски сектор, но се одлучил за поумерен пристап.
Во меѓувреме, Ормуската Теснина повторно е отворена за сообраќај, откако Иран ја прекина блокадата, а САД ја повлекоа заканата за нови масовни напади.
Од друга страна, иранските власти тврдат дека извојувале „историска победа“ и покрај тоа што најавија дека ќе влезат во преговори со САД, изразувајќи длабока недоверба кон Вашингтон.
































