Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи ги повика муслиманите „да застанат покрај народот на Либан и гордиот Хезболах и со сите средства што можат да им помогнат да се спротивстават на злобниот режим (на Израел)“.
-За судбината на овој регион ќе одлучат силите на отпорот предводени од Хезболах – наведува Хамнеи во соопштение откако израелската војска објави дека го убила лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.
Откако Хезболах ја потврди смртта на Насрала, иранските медиуми објавија дека и генералот Абас Нилфорушан, заменик-командант на Иранската револуционерна гарда, е убиен во вчерашните израелски напади на јужниот дел на Бејрут.
САД се одлучни да го спречат Иран и милитантните групи поддржани од официјален Техеран да ја искористат ситуацијата во Либан или да го прошират конфликтот, му рекол американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на својот израелски колега Јоав Галант.
-Остин изрази целосна американска поддршка за правото на Израел на самоодбрана и јасно стави до знаење дека САД се подготвени да ги заштитат американските сили и објектите во регионот и се посветени на одбраната на Израел – изјави денеска портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер.
Во меѓувреме, портпаролот на израелската армија Даниел Хагари денеска изјави дека базата на Хезболах во Бејрут, каде што беше убиен лидерот на либанската група Хезболах, Саид Хасан Насрала, била легитимна воена цел во согласност со меѓународното право.