Фото: ЕПА

Хамас денеска го започна ослободувањето на преостанатите заложници во Газа – јавија израелските медиуми, според кои седум лица утрово биле предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Вкупно 20 заложници се очекува да бидат ослободени во текот на денот. Според медиумите, тројца од четворицата германско-израелски државјани биле ослободени во првата група.

Заложниците прво ќе бидат пренесени во израелската воена база Реим, каде ќе им бидат направени лекарски прегледи, ќе се истушираат и ќе добијат чиста облека. Потоа ќе се сретнат со своите семејства, пред да бидат префрлени во болници за понатамошен третман.

Израелските власти велат дека 48 заложници, живи и мртви, се наоѓаат Газа.

Според податоците на здравствените власти под контрола на Хамас, во војната досега загинале над 67.000 Палестинци, а во нападите на Хамас врз Израел, со кои конфликтот започна, беа убиени околу 1.200 лица, додека над 250 беа киднапирани и однесени во Газа.