Фото: ЕПА

Високо рангираниот функционер на Хамас, Халед Мешал, денеска изјави дека палестинското исламистичко движење нема да го предаде своето оружје и ќе отфрли какво било странско владеење над Појасот Газа, и покрај повиците за разоружување од Израел и САД, објавија француските медиуми.

– Криминализирањето на отпорот, неговото оружје и оние што го водат е нешто што не треба да го прифатиме – рече Мешал на конференција во Доха, додавајќи дека вооружувањето на Хамас е составен дел од „отпорот“ против Израел на палестинските територии.

– Додека има окупација, ќе има отпор. Отпорот е право на народите под окупација. Тоа е нешто на што народите се горди – рече Мешал, кој е поранешен шеф на политичкото биро на Хамас, а моментално го раководи бирото за дијаспора на движењето.

По стапувањето во сила на договорот за прекин на огнот во палестинската енклава на 10 октомври, кон средината на јануари започна втората фаза од Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за конечно завршување на војната меѓу Израел и Хамас, што предвидува разоружување на движењето и постепено повлекување на израелската армија од Појасот Газа.

Движењето Хамас, кое владее со палестинската енклава од 2007 година, го дефинираше своето разоружување како црвена линија, без да ја исклучи можноста за предавање на своето оружје на идна палестинска власт.

Според израелските власти, исламистичкото движење сè уште има 20.000 борци и десетици илјади оружје во Појасот Газа.

Администрацијата на енклавата, разорена од двегодишната војна, во преодниот период треба да му биде доверена на комитет од 15 палестински технократи под водство на Одборот за мир, со кој претседава американскиот претседател Доналд Трамп – пренесуваат француските медиуми.

Мешал денеска го повика Одборот за мир да усвои „избалансиран пристап“ што ќе овозможи реконструкција на Појасот Газа и проток на хуманитарна помош, предупредувајќи дека Хамас нема да прифати „странска доминација“.

– Ќе се држиме до нашите национални принципи и ќе ја отфрлиме логиката на старателство, каква било надворешна интервенција или враќање на системот на мандат во која било форма – рече палестинскиот лидер.

– Палестинците мора да бидат управувани од Палестинци. Газа им припаѓа на народот на Газа и на Палестина. Нема да прифатиме странска доминација – нагласи тој.

Мешал, кој го водеше политичкото биро на Хамас од 2004 до 2017 година, е еден од фаворитите за повторно преземање на функцијата во време кога палестинското исламистичко движење се подготвува за внатрешни избори за да го врати своето лидерство, уништено од војната, забележуваат француските медиуми.