Илустрација / Фото: Пиксабеј

Палестинската милитантна група Хамас ја отфрли резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се поддржува мировниот план за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека таа не ги исполнува политичките и хуманитарните барања на Палестинците.

– Резолуцијата наметнува механизам за меѓународно старателство врз Појасот Газа, што нашиот народ и неговите фракции го отфрлаат – објави групата на Телеграм.

Мировниот план на Трамп, објавен кон крајот на септември, предвидува групата Хамас да биде разоружена, распоредување на меѓународни стабилизациски сили и создавање преодна администрација што ќе ја водат непартиски палестински технократи.

Клучните спорни прашања вклучуваат разоружување на Хамас, целосно израелско воено повлекување од Газа и идното управување на територијата.

– Доделувањето задачи и улоги на меѓународната сила во Појасот Газа, вклучително и разоружување на отпорот, ја лишува од нејзината неутралност и ја претвора во страна во конфликтот во полза на (израелската) окупација – се вели во соопштението.

Секоја таква сила мора целосно да биде под авторитет на ОН и да биде стационирана само на границите на Газа за да го надгледува прекинот на огнот, додаде Хамас. Прашањата за оружјето треба да останат внатрешно национално прашање, истакна групата.