Фото: ЕПА

Израелско-палестински конфликт

Претставникот на Хамас, Басем Наим, тврди дека Хамас добил „официјален одговор“ од Израел на предлогот за прекин на огнот што го изнесе американскиот специјален претставник Стив Виткоф. Овој израелски одговор, вели Наим, „не исполнува ниту едно од праведните и легитимни барања на нашиот народ, што вклучува итен прекин на непријателствата и крај на хуманитарната катастрофа што се одвива во Газа“. Но, додава тој, „раководството на Хамас во моментов спроведува темелна и одговорна ревизија на новиот предлог“, објавува Би-би-си.
Хамас се чувствува предаден од американската администрација, верувајќи дека е „измамен“ со произраелски предлог што не гарантира крај на војната, изјавил информиран извор за „Џерусалим пост“.
Саудискиот весник „Ал Хадат“ опишува предлог со кој се предвидува ослободување на 125 палестински затвореници што отслужуваат доживотна казна затвор, како и 1.111 притвореници уапсени по 7 октомври 2023 година. Предлогот, исто така, бара сите заложници да бидат вратени во Израел во рок од една недела (10 заложници и 18 тела), оставајќи го Хамас без понатамошно влијание, рече изворот.
Понатаму, новиот предлог не дава јасна гаранција од САД дека привременото примирје ќе доведе до трајно, рече изворот. Во предлогот не е наведено дека доколку преговорите се продолжат над 60 дена, прекинот на огнот исто така ќе продолжи.
– Господине премиер, откако Хамас повторно го отфрли предлогот за договор, повеќе нема никаков изговор за никого да продолжи со ова мешање во Газа. Веќе пропуштивме доволно можности. Време е да влеземе со сета наша сила, да го уништиме, да го убиеме и да го поразиме Хамас – напиша министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир на Икс. Р.С.