Фото: ЕПА

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш не гледа потреба од нови избори во Украина под надзор на Обединетите нации, отфрлајќи го предлогот на рускиот претседател Владимир Путин – пренесе „Хина“.

– Украина има легитимна влада и тоа очигледно мора да се почитува – рече Гутереш во Њујорк на прашањето за предлогот на Путин.

Путин претходно предложи Украина да се стави под привремена администрација на ОН до одржување на нови избори.

Тој рече дека изборите за време на војната, кои се забранети со закон во Украина, треба да се организираат за да се формира Влада која ќе преговара за мир.

Сепак, Украина и нејзините сојузници стравуваат дека Москва ќе ги искористи таквите избори за да инсталира марионетска влада лојална на Кремљ, особено во областите окупирани од Русија.

Путин повтори дека верува оти мандатот на украинскиот претседател Володимир Зеленски е неважечки.

Украина е во воена состојба од почетокот на руската инвазија, што доведе до одложување на претседателските и парламентарните избори.

Многумина во Украина веруваат дека одржувањето на избори за време на војна би било непрактично и нефер, бидејќи би било тешко да се обезбеди гласање на војниците и раселените цивили.

Аналитичарите велат дека Москва го турка овој изборен наратив за да го делегитимира Зеленски и да ја убеди администрацијата на Трамп да ја минимизира неговата улога во мировните преговори.