На втората годишнина од масакрот на 7 октомври извршен од исламистички терористи во Израел, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика страните да ја прекинат војната во Газа, хави ДПА.
– Ставете крај на непријателствата во Газа, Израел и регионот веднаш – рече Гутереш во денешното соопштение.
Тој рече дека најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп нуди можност за ставање крај на конфликтот.
– По две години траума, мора да избереме надеж. Сега – додаде тој.
Медијаторите од вчера се на средби со претставниците на исламистичкото движење Хамас и Израел во египетскиот град Шарм ел-Шеик за да разговараат за мировниот план на Трамп, потсетува ДПА.
На 7 октомври 2023 година, терористите од палестинската милитантна организација Хамас, заедно со други исламистички милитанти, го извршија најсмртоносниот масакр во историјата на Израел, кога беа убиени околу 1.200 лица, а повеќе од 250 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.
Гутереш повторно ги повика исламистичките милитанти „безусловно и веднаш“ да ги ослободат заложниците што сè уште се држат во Газа.
– Да се стави крај на страдањето за сите. Ова е хуманитарна катастрофа од размер што е неразбирлив – рече тој, пренесен од германската агенција.