Фото: Пиксабеј / Илустрација

За да се постигне намалување за најмалку пет отсто на потрошувачката на електрична енергија во шпицот, министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас, препорача да се прават напори во периодот од 18 до 21 часот да се ограничи употребата на уреди кои трошат многу струја и доколку е можно, да се користат во друг период од денот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Основен приоритет останува заштедата на енергија. Грција има цел во следните месеци да ја намали потрошувачката на енергија во шпицот за најмалку пет отсто. Затоа, напорите на сите нас се да ја ограничиме употребата на уреди што трошат многу струја во периодот од 18 до 21 часот, кои можат да се користат во останатите часови од денот – рече Скрекас.

Министерот за животна средина и енергетика на Грција денеска ги претстави владините мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите за месец ноември во однос на сметките за електрична енергија и природен гас, кои се однесуваат на сите, без никакви критериуми.

Планирани се субвенции за електрична енергија во висина од 430 милиони евра за домаќинствата и бизнисите.

Поконкретно, за потрошувачка до 500 киловат часови за домаќинствата предвидена е субвенција од 238 евра за мегават час; за потрошувачка меѓу 501 и 1.000 киловат часови е 188 евра за мегават час, додека пак за месечна потрошувачка од над 1.001 киловат часови, владината субвенција е 98 евра за мегават час.

За корисниците на природен гас субвенцијата е 25 евра по термички мегават час за сите потрошувачи.

-Владата продолжува да ја спроведува својата политика на два паралелни фронта: прво во Европа, обидувајќи се да убеди за потребата од заеднички и решителни политики и второ, на национално ниво, заштита на потрошувачите од последиците на енергетската војна што Русија ѝ ја објави на Европа – рече Скрекас.

Истакна дека и покрај големите тешкотии, грчката Влада ќе продолжи да ги поддржува домаќинствата и бизнисите, „така што никој и оваа зима нема да остане незаштитен“.