Фото: Пиксабеј

Службениците на американската служба за Царинска и гранична заштита (Customs and Border Protection) бараат овластување да ги принудат туристите кои влегуваат во земјата да ги откријат своите објави на социјалните медиуми од последните пет години, соопшти денеска Министерството за внатрешна безбедност.

Предлогот од 11 страници е објавен во Федералниот регистар за период на јавна расправа од 60 дена и сè уште не е правно обврзувачки. Барањето би се однесувало на платформи како што се Тик Ток, X и Инстаграм.

Ќе бидат опфатени сите туристи кои влегуваат во земјата преку автоматизираниот Електронски систем за овластување за патување (ESTA). EСТА овозможува патување без виза од повеќе од 40 земји, дозволувајќи престој до 90 дена.

Министерството соопшти дека ја воведува новата процедура за да се усогласи со извршната наредба издадена во јануари 2025 година за „Заштита на Соединетите Држави од странски терористи и други закани за националната безбедност и јавната безбедност“.

Задолжителната проверка на социјалните медиуми е дел од поголем пакет што ќе го регулира собирањето податоци за оние кои влегуваат и излегуваат од земјата.

Во август беше објавено дека администрацијата ги проширила проверките на лицата кои имаат визи. Според извештај на „Вашингтон Пост“, биле проверени милиони луѓе кои веќе се наоѓаат во САД. Посебен фокус бил ставен на нивното присуство на интернет со цел повлекување на визите во случај на докази за прекумерен престој или криминална активност.

Покрај ова, Службата за државјанство и имиграција на САД (USCIS) најави проверки на потенцијалните имигранти за можни „антиамерикански“ коментари на интернет.

Федералните службеници во моментов строго ги применуваат правилата за имигрантите за кои ќе се утврди дека го надминале дозволениот период во нивната документација, пренесе ДПА.