Стотици домови се уништени во пожарите што го опустошија Колорадо, сојузна држава во западниот дел на САД. Силните ветрови и најголемата суша забележана во оваа држава дополнително го засилија пожарот.

Пожарите го зафатија округот Болдер северно од Денвер, а властите велат дека најверојатно има починати и повредени.

Околу 30.000 луѓе од градовите Луисвил и Супериор беа евакуирани вчера, а гувернерот Џаред Полис прогласи вонредна состојба.

– Овој пожар не е прашање на ресурси, туку сила на природата. Се надеваме дека ветровите ќе се смират – рече Полис. Имено, ветровите со брзина од околу 170 километри на час го шират оганот во регионот по историската суша, јавува Би-Би-Си.


– Силните ветрови предизвикуваат оган, а авионите не летаат – напиша на Твитер Џаред Полис, гувернер на планинската држава, каде што карпестите планини се среќаваат со големите Рамнини.

Додека претходните пожари во Колорадо главно опустошија рурални делови на државата, неодамнешните пожари зафатија голем број предградија на Колорадо.

Дел од пожарот избувнал откако силните ветрови ги урнале електричните столбови и многу брзо станале најразорните пожари во модерната историја на таа држава.

Речиси 600 домови изгореа во областа на градот Супериор, рече Џо Пеле, шериф на округот Болдер.

Пожарот ги зафатил трговскиот центар и хотелот.

Најмалку седум пожарникари се повредени, рече шерифот Пеле, додавајќи дека е најверојатно има повеќе повредени лица.

– Со оглед на големината и интензитетот на пожарот и густата населеност на оваа област, нема да бидеме изненадени доколку има повредени и загинати – предупреди тој.