Фото: Пиксабеј

Силни бури предизвикаа ненадејни поплави низ Њујорк и делови од североисточниот дел на САД, додека во Њу Џерси е прогласена вонредна состојба поради обилните врнежи од дожд и ризикот од поплави.

Предупредување за поплави беше на сила синоќа за сите пет општини на Њујорк, а градските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат подруми и ниски подрачја, пишува Индепендент.

На социјалните мрежи се појавија бројни видеа на кои се гледаат поплавени станици на метрото во Њујорк, автомобили заглавени во вода и вода што се лее по скалите и пероните на метрото.

Гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, прогласи вонредна состојба, повикувајќи ги жителите да останат во затворен простор и да избегнуваат патувања.

„Поради обилни врнежи од дожд и ризик од поплави, советуваме максимална претпазливост“, напиша Марфи на X.

Бурата предизвика прекини во воздушниот сообраќај на најмалку шест главни аеродроми на Источниот брег.

Аеродромите ЏФК и Ла Гвардија во Њујорк, како и Њуарк Либерти во Њу Џерси, добија наредба привремено да ги приземјат летовите, предизвикувајќи неколкучасовни доцнења.

Слична ситуација беше забележана и на аеродромите во Филаделфија, Балтимор и Вашингтон.

Според проценките на Националната метеоролошка служба, во некои делови од Њујорк за краток временски период наврнаа помеѓу 50 и 75 милиметри дожд.

Вчера, во подоцнежните часови, врнежите се придвижија кон исток и постепено го изгубија интензитетот.

Меѓутоа, властите предупредуваат дека нов бран врнежи од дожд уште денеска може да го погоди регионот, заедно со екстремно високи температури и висока влажност.

Градските власти издадоа предупредување за комбинација од интензивна топлина и можни натамошни поплави, со температури што би можеле да достигнат или надминат 38 степени Целзиусови.