Фото: Пиксабеј

Милиони луѓе во североисточниот дел на САД вчера се соочија со последиците од голема снежна бура што предизвика прекини во сообраќајот, откажани летови и остави стотици илјади без електрична енергија, додека прогнозите најавуваат нова снежна бура што би можела повторно да го погоди регионот, но се очекува да биде послаба од претходната, пренесува МИА.

Според извештаите, во некои области наврнале повеќе од 60 сантиметри снег, додека американската држава Род Ајленд регистрирала повеќе од 90 сантиметри, што ги надминало рекордите од историската бура во 1978 година.

Многу училишта во градовите во државата Масачусетс, како што се Бостон и Хартфорд, останале затворени, додека во Њујорк повеќе од 900.000 ученици продолжиле со редовна настава, а статистиката покажува дека 63 проценти од учениците биле присутни на настава.

Бурата предизвикала и прекини во воздушниот сообраќај, при што околу 2.200 летови се откажани, главно на аеродромите во Њујорк, Њу Џерси и Бостон.

Нов систем на бури, од регионот на Големите езера, се приближува кон североисточниот дел на САД, или таканаречената област Нова Англија, но метеоролозите најавуваат дека нема да биде толку силен како претходниот.

Управата на весникот „Бостон Глоуб“, за прв пат во неговата повеќе од 150-годишна историја, го прекина печатењето на својот дневен весник бидејќи снегот и ветровите ги спречија вработените безбедно да стигнат до печатарската машина, според статија на веб-страницата на весникот.

Според вчерашните медиумски извештаи, издадени се предупредувања за снежни бури за повеќе од 69 милиони луѓе, а повеќе од 650.000 домаќинства останаа без електрична енергија, додека шест федерални држави прогласија вонредна состојба.