Фото: Пиксабеј/IИлустрација

Повеќе од 600 пожарникари се борат со големиот шумски пожар во Калифорнија, во кој во изминатите два дена се опожарени повеќе од 28.300 хектари, додека американскиот претседател Доналд Трамп ги намалува буџетите на агенциите за управување со катастрофи.

Пожарот избувна во руралниот централен округ Сан Луис Обиспо во средата. Десетици станбени објекти се загрозени од пламенот, а властите наредија евакуација на населението.

Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, изјави дека во последните 24 часа избувнале 15 нови пожари.

Јужна Калифорнија имаше невообичаено сува зима и пролет, со вегетација сува како во средината на летото.

Зголемениот ризик од шумски пожари доаѓа во време кога Трамп спроведува значителни намалувања на буџетот и отпуштања во Шумската служба, Националната управа за океани и Федералната агенција за управување со катастрофи.

Гувернерот Њусом, потенцијален демократски претседателски кандидат во 2028 година, го обвини Трамп дека не го финансира соодветно расчистењето на грмушките и контролираното палење за да спречат шумските пожари.

– Трамп мора да се разбуди и да почне да ги финансира федералните пожарникари и екипите за управување со земјиштето во овие рурални заедници – наместо да им дава даночни олеснувања на милијардерите. Некомпетентноста на Трамп ги става животите во опасност – напиша Њусом на социјалната мрежа X.