Фото: ЕПА

„Старлинк“, сателитската интернет услуга управувана од „СпејсИкс“ на технолошкиот милијардер Илон Маск, вчера се соочи со прекин што ги погоди корисниците ширум светот.

Мрежата сега е претежно обновена, а прекинот траеше приближно два и пол часа – изјави Мајкл Николс, потпретседател на Старлинк Инженеринг во СпејсИкс, во објава што подоцна „Старлинк“ ја преобјави на „Икс“

– Прекинот беше предизвикан од дефект на клучните внатрешни софтверски услуги кои управуваат со основната мрежа – напиша Николс.

– Ние сме длабоко посветени на обезбедување високо доверлива мрежа и целосно ќе ја истражиме причината за овој проблем и ќе осигуриме дека нема да се повтори – додаде тој.

Иако ова не е првпат системот да се исклучи, ваквите прекини се релативно ретки.

„Старлинк“ користи мрежа од илјадници сателити кои орбитираат блиску до Земјата, поврзувајќи се со мали кориснички терминали на земјата за да испорачаат брз интернет.

Услугата ја користат разни авиокомпании за обезбедување интернет за време на лет. Таа е исто така критична алатка за комуникација за украинската војска, бидејќи конвенционалната телекомуникациска инфраструктура е во голема мера уништена за време на руската војна.