Trump
Фото: ЕПА

Застрашувачката порака на американскиот претседател Доналд Трамп дојде откако врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, ги одржа своите први јавни обраќања и откако двајца екстремисти вчера нападнаа синагога и колеџ во Соединетите Американски Држави.

 – Тотално го уништуваме терористичкиот режим на Иран, воено, економски и на друг начин, но сепак, ако го прочитате „неуспешниот“ „Њујорк Тајмс“, погрешно би помислиле дека не победуваме – напиша Трамп на „Трут Соушл“, а пренесе „Њујорк пост“.

 – Иранската морнарица е исчезната, нивните воздухопловни сили повеќе не постојат, ракетите, беспилотните летала и сè друго се десеткувани, а нивните лидери се збришани од лицето на земјата – напиша тој.

Трамп се пофали со „неспоредливата огнена моќ, неограничената муниција и многу време“ на американската војска.

 – Гледајте што ќе се случува денеска со тие пореметени ѓубриња. Тие убиваат невини луѓе низ целиот свет веќе 47 години, а јас сега, како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, ги убивам. Каква голема чест е тоа – напиша тој на „Трут соушл“, а пренесе „Њујорк пост“.

Хамнеи, кој не е виден од заедничката операција на Соединетите Американски Држави и Израел во Иран на 28 февруари, го искористи своето инаугуративно обраќање за да ја повика Исламската Република да „добие компензација“ од своите непријатели.

– Доколку одбијат, ќе им одземеме средства во обем што ќе го сметаме за соодветен, а доколку тоа не е можно, ќе им ги уништиме средствата во иста мера – рече Хамнеи.