Германскиот гигант од областа на наменската (воена) индустрија – „Рајнметал“, планира да инвестира повеќе од 1,5 милијарда евра во нови фабрики за муниција во Романија и Бугарија, како дел од пошироките европски напори за зголемување на капацитетите во наменската (воена) индустрија
Минатата недела, „Рајнметал“ објави планови за два дополнителни погона во Бугарија, вклучувајќи фабрика за барут и посебен објект за производство на артилериски гранати од 155 милиметри со стандард на НАТО. Вкупната инвестиција во Бугарија се проценува на над една милијарда евра.
– Фабриката за барут ќе биде голема колку двете постојни германски фабрики заедно и ќе биде најголемата во Европа – изјави поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој мината недела беше лично во Германија.
Новите инвестиции ќе го означат преминот на бугарската индустрија за оружје од советската ера кон муниција компатибилна со НАТО, што го одразува растечкиот регионален интерес за оружје од западен калибар. Бугарскиот претседател Румен Радев, кој веќе ја посети новата фабрика за муниција на „Рајнметал“ во Германија, рече дека неговата земја „станува дел од европскиот одбранбен екосистем“.
Исто така Романија пред неколку дена потпиша рамковен договор со „Рајнметал“ за изградба на фабрика за барут во вредност од 535 милиони евра во округот Брашов. Романскиот министер за индустрија Раду Мируца изјави дека фабриката би можела да стане „најнапредната фабрика за барут во светот“.
Според објавата на реномираниот „Фајненшл тајмс“, акциите на европските компании за наменско (воено) производство се зголемија за трипати во текот на изминатата година, а европскиот индекс „STOXX Total Market Aerospace & Defense“ се зголеми за околу 46 отсто од почетокот на годината. Сепак, акциите на европските одбранбени гиганти малку паднаа во последните денови поради знаци на договорен мир…
Која е компанијата „Рајнметал“?
„Рајнметал“, еден од најголемите европски производители на одбранбена опрема, објави рекордна оперативна добивка од речиси 1,5 милијарда евра во 2024 година, што е зголемување од 61 отсто во однос на претходната година. На 27 август, компанијата отвори нова фабрика за муниција во северна Германија, за која извршниот директор Армин Папергер рече дека ќе биде најголемата во Европа со полн капацитет. Фабриката во Унтерлис во северна Германија, која се простира на 30.000 квадратни метри – со големина на пет фудбалски игралишта – ќе може да произведува 350.000 артилериски гранати годишно до 2027 година.
– Изградбата на оваа фабрика докажува дека Германија може брзо да ги прави работите кога е навистина важно – рече шефот на „Рајнметал“.
– Нашата земја – како дел од Европа, која сега повеќе од кога било мора да преземе одговорност за својата безбедност – презема одговорност – заклучи Папергер.
Шефот на НАТО, Марк Руте, присуствуваше на церемонијата на отворање на фабриката заедно со германскиот министер за одбрана Борис Писториус и министерот за финансии Ларс Клингбаил. Канцеларот Фридрих Мерц вети дека ќе ја изгради „најсилната конвенционална армија“ во Европа и ги промени правилата за задолжување за да ѝ овозможи на владата да позајми милијарди евра повеќе за воена опрема. Германската влада одобри рекордни 12,8 милијарди евра извоз на оружје минатата година, главно поради поддршката на Берлин за Украина.
За потсетување, на Украина ѝ беа одобрени одбранбени воени производи во вредност од 8,15 милијарди евра, или 64 проценти од вкупниот износ, според извештајот. Околу 86 проценти од одобренијата отидоа кај членките на ЕУ и НАТО и партнерите на Алијансата, вклучувајќи ги Украина, Сингапур и Јужна Кореја. Воените возила (гасеничари) беа на врвот на листата на извозни производи, но беа одобрени и нарачки за бомби, торпеда, ракетни системи и воени бродови, објави „Дифенс пост“. Вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбеил изјави дека Германија, најголемиот воен поддржувач на Украина по САД, планира да потроши девет милијарди евра (10,5 милијарди долари) за поддршка на Киев меѓу оваа година и 2026 година. Р.С.