Фото:Пиксабеј

Германската економија продолжи да стагнира и во третиот квартал од годинава, а некои од најголемите компании, меѓу кои и групацијата „Фолксваген“ и националниот авиопревозник „Луфтханза“ бележат негативни резултати во работењето.

Германскатат статистичка служба соопшти дека бруто домашен производ (БДП) во третиот квартал остана непроменет во споредба со претходниот тримесечен период. Иако има подобрување во однос на падот од 0,3 проценти забележан во вториот квартал, сè уште не е на повидок пораст по две последователни години рецесија, јави ДПА.

Најновиот квартален резултат дополнително ќе го зголеми притисокот врз владата на канцеларот Фридрих Мерц.

За 2025 година како целина, водечките економисти очекуваат економијата на Германија да порасне за 0,2 проценти, благодарение на малото закрепнување забележано во првиот квартал, кога БДП порасна за 0,3 проценти.

Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ денеска објави нето загуба од 1,072 милијарди евра за третиот квартал, а како главна причина се наведуваат проблемите во неговата подружница „Порше“.

Во текот на првите девет месеци од 2025 година, нето добивката на групацијата „Фолксваген“ се намали за повеќе од 60 проценти на 3,4 милијарди евра од 8,8 милијарди евра претходната година.

Поради проблемите во работењето групацијата најави намалувања на 35.000 работни места до 2030 година, што е речиси една четвртина вкупно од 130.000 работни места во фабриките на „Фолксваген“ во Германија.

Пад на заработката објави и германскиот национален авиопревозник „Луфтханза“. Во третиот квартал профитот на авииокомпанијата е намален за 1 процент и покрај зголемувањето на бројот на патници. Како прилини се наведуваат падот на цените на билетите и повисоки трошоци.

И покрај тоа што бројот на патници порасна за 3 проценти на околу 42 милиони помеѓу јули и септември, заработката пред исплата ма камати и даноци (EBIT) се намали за 1 процент на околу 1,3 милијарди евра во споредба со истиот период минатата година.

Нето добивката се намали за 12 проценти на 966 милиони евра поради негативниот даночен ефект.

Сепак, за целата 2025 година, Луфтханза сè уште очекува оперативна добивка повисока од 1,6 милијарди евра во споредба о претходната година.