Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп, како што најави, оваа недела воведува нови царини за голем број земји низ светот, вклучувајќи ги и оние во Европската Унија. Ова е одлука што предизвика голема вознемиреност во цели индустриски сектори, како на пример, во автомобилската индустрија. Во Германија со особена вознемиреност и возбуда се следи оваа најава на претседателот на САД

По најавата за воведување царини за ЕУ од страна на американската администрација

Трамп често го предупредуваше Брисел на повисоки царини за возилата од Европа. Со воведувањето нови царини од страна на американската администрација, ќе бидат погодени многу производствено-трговски сектори во Европа, но, според економистите, автомобилскиот сектор на ЕУ ќе биде „главна жртва во ескалацијата на трансатлантската трговска војна“.
Имено, ЕУ наплаќа данок од 10 отсто за увоз на возила. За споредба, САД наплаќаат 2,5 отсто. Згора на тоа, европскиот данок на додадена вредност е околу 20 проценти – со што вкупните трошоци се искачуваат на 30 проценти за американско возило што би било увезено и купено во земјите на ЕУ.
– Дали знаевте дека кога испраќате автомобил од САД во Европа, ако воопшто го пуштат затоа што имаат многу нетарифни бариери, дека меѓу ДДВ и царина, тој автомобил се оданочува со 30 проценти – во јавноста праша заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер.
Европски автомобил испратен во Америка се оданочува со 2,5 проценти – или во основа нула.
– Тоа е главната причина зошто американската автомобилска индустрија толку долго се бори и губи работни места. Ако сакаат да им се наплати помалку од 30 проценти, ќе мора да ги намалат бариерите, за да биде фер, еднаков и, да, реципрочен третманот – додаде Милер.

ЕУ-автоиндустријата погодена, но најмногу би страдала германската автоиндустрија

Аналитичарите предупредуваат дека „царините на Трамп најмногу би ги погодиле германските производители на автомобили“. Според истражувачката платформа, „ЈАТО дајнамикс“, „три големи германски компании сочинуваат 73 отсто од 820.000 единици извезени од ЕУ во САД минатата, 2024 година“.
– Имаме милиони автомобили што доаѓаат, БМВ, „мерцедес-бенц“ и „фолксваген“ и толку многу различни автомобили. И ние не правиме ништо за тоа – изјави Трамп во јавноста на 3 февруари, обраќајќи се и кон водечките европски производители на автомобили.
За споменување е дека Трамп првин најави, па потоа ги суспендираше (на еден месец) царините од 25 отсто против Мексико и Канада. Ова е битен момент, бидејќи ако за еден месец бидат воведени споменатите царини (спрема Мексико и Канада), тогаш германските производители на автомобили повторно би биле натоварени со нови финансиски обврски, бидејќи повеќе германски производители имаат свои фабрики за производство на автомобили во Мексико.

Автолобистите на Европа ги повикаа европратениците да направат договор со Вашингтон

Сите зголемени трошоци за производителите на автомобили во ЕУ дополнително ќе ја оптоварат оваа гранка на индустријата, која веќе се соочува со пад, поради експанзијата на автомобилската индустрија на Кина и нивниот пласман во ЕУ.
– Длабоко сме загрижени поради можното воведување тарифи од страна на САД – рече Сигрид де Врис, генерален секретар на европското автомобилско лоби ACEA.
– Наместо тарифи за тарифи, ЕУ и САД треба да работат заедно на голема зделка за да избегнат потенцијален трговски конфликт – изјави за „Политико“ генералниот секретар на европското автомобилско лоби. Оваа лоби-група ја започна годината со тоа што ги повика европските пратеници превентивно да постигнат договор со Вашингтон за да се избегне трговска војна. БМВ отиде чекор подалеку, велејќи дека Европската Унија треба да ги намали тарифите, за да го смират Трамп. БМВ има големо влијание во Соединетите Американски Држави, произведувајќи ги повеќето од своите теренци од серијата „икс“ во својата фабрика во Спартанбург, Јужна Каролина, која потоа ја извезува во остатокот од светот.

Ако за една стока за една земја се намалува царината, принципот на СТО вели дека тоа треба да следува и за другите земји – трговски партнери, за истата стока

Реципрочните американски тарифи би го поткопале принципот на најповолна нација (МФН), кој го поткрепуваше трговскиот систем по Втората светска војна. Според него, земјите што се членки на Светската трговска организација (СТО), ги прошируваат своите најниски царини за одредени стоки – за сите нивни трговски партнери!
Значи, ако ЕУ понуди да ги намали тарифите за автомобили на 2,5 проценти од 10 проценти, ќе мора да ги понуди истите услови за МФН и за кинеските производители! Со тоа самата ЕУ, велат аналитичарите, ќе си ги саботира своите „дополнителни тарифи што Унијата ги наметна за електричните возила од кинеско производство минатата година“, при што тие додаваат дека овој потег би бил како „неочекуван подарок за кинеската автомобилска индустрија“.
– Би било одличен подарок за земјите како Кина да ги намалат царините без да добијат ништо за возврат. Тоа би се спротивставило на целата филозофија зад преговорите за тарифи – изјави за „Политико“ адвокат од Брисел, кој сакал да остане анонимен.

Постојат решенија и маневри за германските автопроизводители

„Порше“, подружница на „Фолксваген“, ги извезува сите свои модели од ЕУ во САД, каде што продаде рекордни 76.000 автомобили минатата 2024 година, што ја прави Америка најголем пазар за „Порше“.
Понатаму, „Ауди“, на сличен начин ги извезува сите свои модели во САД од Европа, со исклучок на „кју5“, кој се произведува во Мексико.
Додека САД се светла точка за „Порше“, „Ауди“ забележа пад на продажбата за 14 отсто минатата 2024 година, во споредба со 2023 година. Сите дополнителни трошоци само ќе ги намалат нивните профитни маржи и ќе ги влошат проблемите. Според аналитичарите, „Ауди“ има една опција, а тоа е преместување на производството на „кју4“ во САД (каде што на пример, „Фолксваген“ го произведува својот електричен „ИД.4“).
– Во суштина тоа е истиот автомобил и тие имаат капацитет и можат да го сторат тоа – рече Матијас Шмит, европски автомобилски аналитичар.
Што се однесува до Трамп, аналитичарите од автоиндустријата велат дека, доколку тој е искрен за реципроцитет, ќе мора да ја намали царината од 25 проценти за лесни камиони што САД ја воведоа откако Линдон Б. Џонсон беше претседател. Тарифите се главна причина зошто американските производители на автомобили сè уште доминираат на домашниот пазар на пикапи, со „форд Ф-серија“, која повторно беше најпродавана минатата година. Р.С.