Германија изработува планови за брзо проширување на мрежата на отпорни засолништа и бункери, предупредувајќи дека земјата мора да биде подготвена за можен напад од Русија во следните четири години – изјави Ралф Тислер, директор на Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (BBK).
Тислер за весникот „Зиддојче Цајтунг“ рече дека Германија, како најголема европска економија, е недоволно подготвена за потенцијален конфликт.
– Долго време во Германија преовладуваше уверувањето дека војната не е сценарио за кое треба да се подготвуваме. Тоа се промени. Загрижени сме поради ризикот од голема агресивна војна во Европа – истакна тој.
Тој повика на национален напор за идентификување и адаптирање на тунели, метро станици, подземни гаражи, паркинзи и подруми на јавни згради во заштитни засолништа за да се обезбеди простор за милион луѓе. BBK планира да презентира сеопфатен план ова лето. Според Тислер, изградбата на нови бункери би била скапа и бавна, па затоа постојните објекти мора веднаш да се разгледаат.
Руската инвазија на Украина ги зголеми стравувањата во Германија, Полска и балтичките земји за можни нови фронтови во Европа.
Од околу 2.000 бункери и заштитни простории од времето на Студената војна во Германија, само 580 се функционални и можат да примат околу 480.000 луѓе, или 0,5 отсто од населението. За споредба, Финска има 50.000 заштитни простории за 4,8 милиони луѓе, или 85 проценти од населението.
Тислер повика на модернизација на системите за тревога, подобрување на информативните апликации и заштита од кибер-напади, како и обезбедување финансирање од владата на Фридрих Мерц. Потребите за цивилна заштита се проценуваат на 10 милијарди евра во следните четири години и 30 милијарди во наредните десет години.
Тислер ги повика граѓаните да обезбедат залихи за итни случаи за најмалку 10 дена, или барем за 72 часа, за да се справат со можни прекини во снабдувањето со струја и вода. „Ова може да помогне во надминување на помали прекини во секојдневниот живот“ – додаде тој.