Фото: Пиксабеј

Германија ќе ја поддржи резолуцијата на Обединетите нации со која се потврдува палестинската државност според меѓународното право, но тоа не претставува формално признавање, изјави синоќа портпарол на германската влада.

-Германија ќе поддржи таква резолуција што едноставно го опишува статусот кво-то во меѓународното право – рече портпаролот, кој додаде дека Берлин „отсекогаш се залагал за решение со две држави“, пренесуваат британските медиуми.

Портпаролот повтори дека германскиот канцелар Фридрих Мерц рекол пред три дена „дека Германија не гледа дека е дојдено време да се признае палестинска држава“.

Велика Британија, Франција, Канада, Австралија и Белгија објавија дека ќе ја признаат палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации, кое треба да се одржи до крајот на месецот, иако Лондон изјави дека може да се воздржи ако Израел преземе чекори за ублажување на хуманитарната криза во Газа.

САД остро се спротивставуваат на секој потег на нивните европски сојузници за признавање на палестинската независност.