Фото: Принтскрин

Германија не гледа причина да ги олабави санкциите против Русија, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, нагласувајќи дека солидарноста со Украина мора да има предност и покрај притисокот од глобалните енергетски пазари.

– Доколку американско-израелската војна во Иран заврши брзо, ќе видиме и релативно брзо враќање кон нормализација на пазарите на нафта и енергија. Затоа, нема причина да се размислува за ублажување на санкциите против Русија – истакна Мерц.

Тој рече дека соочена со избор помеѓу санкции и солидарност, ставот на Германија е јасен, дека стои зад Украина и е подготвена да издржи таква фаза доколку е потребно.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа изјави дека неговата администрација ќе се откаже од одредени санкции поврзани со нафтата со цел да ги намали цените, пренесе МИА.

Изјавата е дадена во време кога цените на нафтата растат откако САД и Израел го нападнаа Иран, а потрошувачите плаќаат сè поскапо гориво на пумпите, објави Си-Ен-Ен.

Трамп не прецизираше кои санкции ќе бидат укинати.

– Имаме санкции против некои земји. Ќе ги отстраниме тие санкции сè додека ситуацијата не се стабилизира – истакна тој.

Иран и Русија се меѓу земјите со најстроги санкции, а обете се богати со нафта.

Неодамна, Трамп ѝ одобри на Индија ослободување од забраната, дозволувајќи ѝ да увезува повеќе руска нафта, како дел од трговскиот договор со САД, кој предвидува намалување на купувањата на Индија од Русија.