Месечината, стратегиска цел и на САД и на Кина и на Русија

Откако на Москва ѝ стана јасно дека нема понатамошна перспектива за соработка со Вашингтон во однос на вселенските истражувања, Русија ѝ се придружи на Кина, како на трет најважен глобален субјект во оваа сфера на активност. Меѓутоа, Кина забрзано се движи и кон позицијата на лидер, вложувајќи огромни финансиски средства во својата вселенска програма. Покрај тоа, двете земји веќе активно развиваат и заеднички стратешки програми за стационирање на Месечината, а руското искуство и технологија во овој поглед ѝ значат многу на Кина

Анализа

Не е никаква тајна дека трката за доминација на планетата забрзано се сели и во вселената. Се разбира, во тој контекст, Месечината како единствен природен сателит на Земјата има голема улога – како поради близината, така и поради веќе добропознатото богатство на природни, т.е. минерални резерви.

Раскината долгогодишната американско-руска соработка во вселената

Уште од завршувањето на Студената војна (кога сè и почна), па до неодамна, САД и Русија беа најважни партнери во истражувањето на вселената, но пред неколку години тоа пријателство почна забрзано да слабее, во согласност со влошувањето на меѓусебните политички односи, за со војната во Украина тоа речиси и целосно да замре. Прекинот на таа соработка можеше да се предвиди уште многу порано, кога некои официјални лица, вклучувајќи ги и оние од Пентагон, сосема отворено зборуваа за можноста САД да изградат своја воена база на Месечината.
Таквите изјави тогаш предизвикаа остра осуда од страна на меѓународната заедница, со оглед на фактот што Месечината е прогласена за заедничко добро на сите земји во светот, кое никој нема право да си го присвои.
Се разбира, таквите ставови не беа нималку случајни: имено, се смета дека Месечината располага со огромни минерални богатства, вклучувајќи и некои ретки елементи, кои би можеле да имаат решавачка важност во развојот на современите технологии на Земјата. Сепак, изградбата на база на Месечината укажува дека пристап до тие богатства веројатно нема да имаат баш сите, туку само оние што имаат можност да се лоцираат таму.

Кина и Русија се свртеа една кон друга

Откако на Москва ѝ стана јасно дека нема понатамошна перспектива за соработка со Вашингтон во однос на вселенските истражувања, Русија ѝ се придружи на Кина, како на трет најважен глобален субјект во оваа сфера на активност. Меѓутоа, Кина забрзано се движи и кон позицијата на лидер, вложувајќи огромни финансиски средства во својата вселенска програма. Покрај тоа, двете земји веќе активно развиваат и заеднички стратегиски програми за стационирање на Месечината, а руското искуство и технологија во овој поглед ѝ значат многу на Кина. Таа сега на Русија ѝ нуди најсовремена технологија, а Русија, пак, ѝ го нуди на Кина своето огромно искуство во однос на развојот на вселенските истражувања и, секако, својата високоразвиена ракетна технологија.
Овде треба да се потсетиме дека на 9 март 2021 година, тогашниот претседател на државната руска компанија за вселенски истражувања „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин, и првиот човек на кинеската национална вселенска канцеларија, Џанг Кеџиан, во името на двете влади потпишаа билатерален меморандум за соработка во изградбата на Меѓународната научна лунарна станица (ИСЛ). Овој меморандум е во согласност со договорот за создавање заеднички информативен центар за истражување на Месечината и длабоката вселена. Интересно е што претходно „Роскосмос“ најави повлекување на Русија од американскиот лунарен проект Гејтвеј.

Кој прв ќе изгради сопствени вселенски станици

Да потсетиме дека НАСА лансира и своја програма за изградба на вселенската станица Гејтвеј во орбитата на Месечината, како и програма за испраќање мисии на Месечината, на која во 2020 година ѝ се придружи и Јапонија.
Меѓутоа, и покрај интензивираната стратегиска соработка со Кина во однос на вселенските истражувања, Русија неодамна ја потврди својата намера за отворање сопствена вселенска станица. Претходно се повлече од соработката на Меѓународната вселенска станица, која без неа и нема некоја голема смисла – таа станица е наследство од времето на СССР, кога се викаше Мир, а лансирањето ракети кон неа се изведуваше од рускиот космодром Бајконур во Казахстан. Со влезот на западните партнери, пред сè на САД, станицата стана меѓународна и беше технолошки осовременета, но и покрај тоа, времето си го направи своето, или со други зборови – сè има рок на траење.
Од друга страна, со оглед на тоа што во сите американски најнови доктрини и стратегиски документи токму Кина е означена како главен долгорочен ривал на САД во 21 век, и тоа во сите сфери – економската, високотехнолошката и воената, воопшто не е чудно што НАСА најголемо внимание и загриженост искажува во однос на сè поголемата кинеска конкуренција на полето на освојување на Месечината и ставање на нејзините ресурси под своја контрола. Токму на тоа предупредува и неодамнешното интервју на првиот човек на НАСА, Бил Нелсон, за „Политико“.

Челникот на НАСА стравува од Кина за можниот исчекор пред САД

Во интервјуто, шефот на НАСА изрази уверување дека САД можат да победат во трката за Месечината, но истовремено предупреди и дека нема многу време за чекање.
– Трката за Месечината помеѓу САД и Кина сè повеќе се интензивира и следниве две години би можеле да одредат која од двете земји ќе добие предност – рече Нелсон.
Тој предупреди дека Пекинг би можел да воспостави база и да се обиде да доминира со локациите на површината на Месечината што се најбогати со ресурси или дури да ги држи САД подалеку од нив.
– Факт е: ние сме во вселенска трка – рече поранешниот сенатор и астронаут од Флорида во споменатото интервју.
Во текстот се спомнува и 26-дневната мисија на НАСА, Артемида 1, за време на која вселенската капсула „Орион“ без екипаж леташе околу Месечината. Оваа мисија, која беше нашироко оценета како успешна, беше и првиот голем чекор во планот на НАСА за слетување на астронаути на површината на Месечината, со што би почнало да се овозможува потрајно човечко присуство на овој природен сателит на Земјата – нешто што би можело да се случи веќе во 2025 година, наведува „Политико“.
Исто така, се наведува дека, откако Конгресот го усвоил годишниот буџет за НАСА, која не ги добила сите средства што ги побарала, Нелсон инсистирал да не се крати на најважните средства што мора да се добијат. Тоа најмногу се однесува на клучните компоненти за следните две мисии на Месечината -Артемида 2 и Артемида 3.
Притоа, тука е и предупредувањето за „сè поагресивната кинеска вселенска програма“, со коментар дека „Пекинг објави дека има цел до крајот на оваа деценија да реализира слетување на својот космонаут на Месечината“, како и дека „во декември кинеската влада ја изнесе својата визија за поамбициозни настојувања, како што се изградбата на вселенска инфраструктура и систем за управување со вселената“.
„Какви било значајни доцнења или пречки во американската програма, која смета на голем број нови системи и опрема што сè уште се во развој, би можеле да доведат до ризик од заостанување зад Кинезите. А временскиот распоред на НАСА за слетување на Месечината доцни веќе цела година, уште од администрацијата на Трамп“, се наведува во продолжението на текстот.
Наедно, се спомнува и кинеската реакција на американските обвинувања. Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон, изјави дека „одредени американски функционери зборуваат неодговорно, за погрешно да се претстават нормалните и легитимни вселенски напори на Кина“, како и дека „Кина решително ги отфрла таквите забелешки“.
– Вселената не е терен за борење. Истражувањето и мирољубивото користење на просторот се заедничко настојување на човештвото, од кое сите би требало да имаме корист. Кина секогаш се залага за мирољубиво користење на вселената, се противи на трката за вселенско вооружување и активно работи на изградба на заедница што ќе има заедничка иднина за човештвото во доменот на вселената – додаде Пенгју.
Од друга страна, челникот на НАСА изрази уверување дека настојувањата на САД да бидат први што ќе се вратат на Месечината се одвиваат според планот, истакнувајќи притоа дека Конгресот ја финансира програмата Артемида. Неделава Конгресот одобри 24,5 милијарди долари за НАСА во фискалната 2023 година, односно помалку од она што беше побарано од претседателот Џо Бајден, но тоа е сепак зголемување од над 5 отсто од порано.

Од анализите на „Политико“ и „Геополитика“