Фото: Твитер/ОН

Деведесет и три земји денеска гласаа за суспендирање на Русија од Советот за човекови права на ОН поради обвинувањата за злосторства во киевското предградие Буча и други места во Украина.

Единствениот друг актуелен член на Советот за човекови права на кој му беше суспендирано членството беше Либија во 2011 година, кога силите лојални на Моамер Гадафи насилно ги разбија антивладините демонстранти.

Дваесет и четири земји гласаа против нејзиното суспендирање од Советот, додека 58 нации беа воздржани. Потребно беше двотретинско мнозинство. Воздржаните не се броеја.


Томас Гринфилд: Суспензијата на Русија е историски ден

Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, по повод суспензијата на Русија од Советот за човекови права на ОН, на Твитер напиша дека ова е важен и историски ден.

– Земјите ширум светот гласаа за суспензија на Русија од Советот за човекови права на ОН. Колективно, испративме јасна порака дека Русија ќе сноси одговорност – објави Томас-Гринфилд.