Русија продолжува со испораката на гас за Европа преку Украина на нормално ниво, според државниот енергетски гигант Гаспром, пренесува германската агенција ДПА.
– Гаспром го врши снабдувањето со руски гас за транзит низ територијата на Украина во редовен обем и според барањата на европските потрошувачи – изјави денеска портпаролот на Гаспром Сергеј Купријанов, цитиран од руската новинска агенција „Интерфакс“.
Според тоа, денеска треба да протечат околу 109,5 милиони кубни метри гас.
По руската акција над Украина, западните земји воведоа строги санкции кон Русија, при што многумина стравуваат дека Москва може да ја прекине испораката на гас како одмазда.
– За време на борбите во Украина, според извештаите, се чини дека биле оштетени гасоводи во шест области, наведува ДПА. Како резултат на тоа, на стотици илјади луѓе им беше прекинато снабдувањето со гас – објави украинската новинска агенција „УНИАН“, цитирајќи ги операторите на украинскиот транзитен систем за гас.
Шеснаесет станици за дистрибуција на гас во Украина – вклучително и оние во областите околу Харков, Киев, Запорожје, Доњецк и Луганск – повеќе не работат, според извештајот.