Министрите за надворешни работи на Групата седум најразвиени земји (Г7) ги осудија неодамнешните најави на Русија за стационирање нуклеарно оружје во Белорусија како „неприфатливи“ и ја повикаа Кина да дејствува како одговорна членка на меѓународната заедница.
Во соопштение по тридневната средба во јапонското одморалиште Каруизава, министрите нагласуваат дека во центарот на вниманието на средбата биле руската воена интервенција во Украина и стравот од слични акции на Кина против Тајван.
– Неодговорната нуклеарна реторика на Русија и нејзината закана да распореди нуклеарно оружје во Белорусија се неприфатливи. Секоја употреба на хемиско, биолошко или нуклеарно оружје од страна на Русија ќе биде соочена со тешки последици – велат тие.
Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец објави дека Русија ќе стационира таканаречено тактичко нуклеарно оружје со краток дострел на територијата на соседна Белорусија. Москва тврди дека била принудена на овој потег поради проширувањето на НАТО алијансата кон руските граници.
Министрите за надворешни работи на Г7 го повторија својот повик до Кина да дејствува како одговорен член на меѓународната заедница, согласувајќи се дека мирот и безбедноста во Тајванскиот теснец се клучни и се спротивставуваат на милитаризацијата на Пекинг на Јужното Кинеско Море.
Средбата се одржа пред самитот на лидерите на Г7 во Хирошима во мај. Освен Јапонија, Г7 ја сочинуваат и Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и САД.
Тајван, пак, ќе купи дури 400 американски ракети „харпун“, објави „Блумберг“, цитирајќи извори запознати со тоа прашање.
Договорот со „Боинг“, потврден од командата на американските поморски воздушни системи во име на Тајван, е островот првпат да добие копнена мобилна верзија на Харпун, се вели во извештајот на Блумберг, кој се повикува на Руперт Хамонд-Чемберс, претседател на американско-тајванскиот деловен совет. Претходно, Тајван купи верзии на ракетата лансирани од бродови.
Овој месец, претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, беше домаќин на тајванската претседателка Цаи Инг-вен во Калифорнија и ја истакна потребата да се забрза испораката на оружје за Тајван поради растечките закани од Кина.
Во 2020 година, тајванските власти нагласија дека планираат да купат копнени противбродски ракети „харпун“ произведени од „Боинг“, како дел од напорите за воена модернизација.