G 20
Фото: ЕПА

Лидерите на земјите-членки на Г20 ја прекршија традицијата усвојувајќи декларација на почетокот на Самитот во Јужна Африка. Декларациите вообичаено се усвојуваат на крајот на самитите.

Декларацијата е усвоена и покрај спротивставувањето на САД, кои го бојкотираат Самитот во Јужна Африка поради несогласувањата помеѓу Вашингтон и Јоханесбург.

Декларацијата на Г20 повикува на „праведен и траен“ мир во Украина, Судан, Демократска Република Конго и „окупираните палестински територии“.

– Водени од целите и принципите на Повелбата на ОН ќе работиме за праведен, сеопфатен и траен мир во Судан, Демократска Република Конго, окупираните палестински територии, Украина и за прекин на другите конфликти и војни низ целиот свет – се истакнува во декларацијата.

Во документот се наведува и дека Г20 ќе се залага за подобра заштита на резервите на стратешките минерали, што се неопходни за енергетска транзиција, со оглед на геополитичките и трговските превирања.

На првиот ден од Самитот Г20 беше наведено дека Јужна Африка нема да го предаде претседателството со Групата на САД, кои поради бојкот не учествуваат во дискусиите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп ја обвинува Јужна Африка за дискриминација на белото малцинство. Јоханесбург ги негира обвинувањата на Трамп, а организациите за заштита на човековите права ги оценија како неосновани.

Предвидено е следниот Самит на Г20 да се одржи во Мајами. Но, и покрај најавите од американска страна дека нивен дипломат утре ќе учествува на церемонијата на предавање на претседателството со Г20, Јужна Африка тврди дека тоа е прекршување на протоколот.

Г20 вклучува 19 земји, како и Европска Унија и Африканска Унија. Состанокот во Јоханесбург е првиот Самит на Г20 што се одржува во Африка.