Францускиот премиер во оставка Себастијан Лекорну, денеска има последен обид да собере меѓупартиска поддршка за составот на својот кабинет, со цел да ја извлече земјата од длабоката политичка блокада.
Претседателот Емануел Макрон го задолжи 39-годишниот Лекорну да формира влада на почетокот на септември, откако Парламентот го собори неговиот претходник поради непопуларниот буџет за штедење.
Лекорну го претстави новиот кабинет во неделата вечер, но тој веднаш наиде на критики бидејќи содржеше многу исти лица од претходната влада. Како резултат на тоа, Лекорну поднесе оставка вчера наутро.
Сепак, во неочекуван пресврт, синоќа, Лекорну ја прифати задачата од Макрон да посвети два дена на обид да ја спаси неговата администрација.
Макрон го задолжи Лекорну да „спроведе финални преговори до утре вечер за да дефинира платформа за акција и стабилност за земјата“, изјави неименуван претседателски функционер. Истиот функционер сугерираше дека Макрон е подготвен да „преземе одговорност“ во случај на неуспех, алудирајќи на можноста за распишување нови парламентарни избори.
Лекорну од 9 часот утрово се среќава со лидерите на партиите во премиерската канцеларија во обид да го надмине ќор-сокакот.
Политичка криза ја потресува Франција повеќе од една година, откако Макрон распиша вонредни избори во средината на 2024 година, кои резултираа со заглавен Парламент без јасно мнозинство. Оваа ситуација, во систем дизајниран за силен претседател со цврсто парламентарно мнозинство, ја претставува најдлабоката политичка криза во Петтата Република од 1958 година.
Кризата е дополнително влошена од рекордниот јавен долг на Франција од 3,4 трилиони евра (4 трилиони долари), што е сега трет најголем во Европската Унија, по Грција и Италија. Односот на долгот кон БДП е близу двојно повеќе од дозволените 60 отсто според правилата на ЕУ, што создава огромен притисок за донесување итни економски мерки.
Лекорну е трет премиер на Макрон од вонредните избори, а неговите двајца непосредни претходници, Франсоа Бајру и Мишел Барние, беа сменети од Парламентот токму поради споровите околу буџетот за штедење.
Хаосот се случува пред претседателските избори во 2027 година, кои се очекува да бидат историска пресвртница, со оглед на тоа што Марин Ле Пен и нејзината крајна десница Национален собир (RN) предводат во повеќето анкети.
Едуар Филип, поранешен премиер и десноцентристички кандидат за 2027 година, ја критикуваше ситуацијата како „вознемирувачка политичка игра“, предупредувајќи на потенцијален „колапс на државата“. Тој го повика Макрон да назначи нов премиер, да го усвои буџетот и потоа да распише предвремени претседателски избори.
Габриел Атал (претходен премиер и лидер на централистичката партија на Макрон) изјави дека веќе не ги разбира одлуките на претседателот, додавајќи дека е „време да се проба нешто друго“.
Марин Ле Пен порача дека би било „мудро“ Макрон да поднесе оставка, но инсистираше и на тоа дека вонредни законодавни избори се „апсолутно неопходни“.
Лидерот на Национален собир, Жордан Бардела, рече дека партијата е „подготвена да владее“.
Оливие Фор од Социјалистичката партија повика на „промена на курсот“ со „левичарска влада“.
Бруно Ретајо, лидер на десничарските Републиканци, рече дека не е против останување во кабинет со центристите на Макрон, под услов неговата партија да не добие помалку места.
Макрон досега се спротивставува на повиците за нови парламентарни избори и ја отфрли можноста самиот да поднесе оставка пред истекот на неговиот мандат во 2027 година.