Францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“, заедно со придружната поморска група, започнува мисија во Северниот Атлантик и Балтичкото Море, соопшти денеска Министерство за вооружени сили на Франција.
Мисијата се реализира во услови на зголемена геополитичка нестабилност, поврзана со активностите на Русија, како и со изјавите и интересите на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на Гренланд, објави француската новинска агенција, пренесе МИА.
Според најавите, носачот на авиони и неговите придружни бродови треба да пристигнат во Малме на 25 февруари, каде што ќе престојуваат неколку дена. Ова ќе биде прва ваква посета, соопшти Шведско Министерство за одбрана.
За време на патувањето, француската ударна група ќе учествува во мисијата на НАТО „Балтичка стража“ во Балтичкото Море. Операцијата има за цел спречување закани кон подводната инфраструктура, по неодамнешните инциденти со сечење подводни кабли, за кои постојат сомневања дека се оркестрирани од Москва. Дополнително, групата ќе учествува и во три НАТО-вежби во Балтичкиот регион.
Француската група носачи на авиони се состои од самиот носач со неговите авиони, неколку фрегати, брод за логистичко снабдување со гориво и напаѓачка подморница. Освен значајниот воен капацитет, оваа формација има и важна улога како средство за стратешка порака и дипломатска комуникација.
Поддршка на француската мисија ќе обезбедат и бродови од Италија, Шпанија, Холандија, Мароко, Обединетото Кралство, Данска, Норвешка и Германија, информираат од Министерството за вооружени сили на Франција.

































