Во Франција почна регрутацијата за новововедениот воен рок – соопштија денеска вооружените сили.
Во својата прва година, програмата има за цел да ангажира 3.000 доброволци. Предвидено е бројот на регрути постепено да се зголемува на 10.000 доброволци годишно до 2030 година и на 42.500 до 2035 година.
Заинтересираните кандидати можат да аплицираат онлајн во копнената војска, военото воздухопловство или морнарицата, или да посетат регионален центар за регрутација.
Програмата е отворена за млади луѓе на возраст од 18 до 25 години и нуди месечна плата од 800 евра. По завршувањето на едномесечната основна обука, доброволците ќе бидат распоредени во воена единица на девет месеци, каде што ќе ги извршуваат истите должности како и активниот воен персонал. Не се планирани распоредувања во странство.
Франција го укина задолжителниот воен рок во 1996 година по завршувањето на Студената војна. Според новата рамка, доброволниот воен рок би можел да се претвори во општа воена обврска во време на криза.
Најавувајќи ја иницијативата во ноември, претседателот Емануел Макрон рече дека програмата е наменета за зајакнување на професионалните вооружени сили на Франција. Во понеизвесна глобална средина, тој рече дека е неопходна комбинација од професионална војска и доброволци за да се биде подготвен за сите непредвидени ситуации – пренесе ДПА.
Професионалната војска на Франција во моментов брои околу 200.000 војници, поддржани од приближно 47.000 резервисти.

































