Франција на нејзина територија ќе обучи околу 2.000 украински војници, изјави вчера францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорни за францускиот весник „Ле Паризиен“.
-Украински војници ќе бидат распоредени во нашите единици во текот на неколку недели – рече Лекорни, додавајќи дека обуката ќе биде во три фази – општа борбена обука, специфична логистичка обука што ја бара Украина и обука за добиената воена опрема.
Лекорни додаде дека Франција постапува во согласност со законот, бидејќи земјата не е во војна.
-Помагаме на земја која е во војна по почетокот на руската инвазија – рече францускиот министер и додаде дека на Украина ќе и бидат доставени системи за воздушна одбрана „Кротал“ (Crotale), што неодамна ги најави францускиот претседател Емануел Макрон.