Воената интервенција што ја нареди американскиот претседател Доналд Трамп против Иран, според првичните проценки, ги чинела американските даночни обврзници повеќе од една милијарда долари. Дополнителни стотици милиони долари се поврзуваат со изгубена воена опрема за време на викендот, а вкупната цена би можела да се искачи и до 100 милијарди долари, зависно од тоа колку долго ќе трае операцијата, стои во финансиската анализа на „Форбс“.
Нападите започнале рано во саботата, по повеќенеделна ескалација на односите меѓу Иран и Израел. Американските сили извеле координирани удари врз повеќе цели.
Според информациите од United States Central Command (ЦЕНТКОМ), три авиони Ф-15Е биле соборени во Кувајт во неделата. Со оглед дека вредноста на еден ваков авион се проценува на околу 90 милиони долари, штетата надминува 300 милиони долари.
Дури и пред почетокот на директните напади, распоредувањето на трупи, бродови и авиони во регионот веројатно ја чинело војската околу 630 милиони долари. Ова за „Волстрит џурнал“ го изјавила Елејн Мекаскер, виш соработник во тинк-тенкот на American Enterprise Institute и поранешен буџетски службеник во Пентагон.
Операцијата има значителен обем. ЦЕНТКОМ соопшти дека во првите 48 часа биле погодени повеќе од 1.250 цели на територијата на Иран, при што биле ангажирани над 20 различни воени системи и видови оружје.
Трошоците дополнително се зголемуваат поради употребата на различни видови вооружување – од релативно поевтини еднонасочни „камикази“ дронови, до скапи прецизни ракети и стратешки бомбардери. Во пресметките не се вклучени ниту секојдневните трошоци за одржување на околу 50.000 американски војници ангажирани во операцијата, бројка што, според медиумски извештаи, може дополнително да порасне.
Проценети трошоци по ставки:
-
13 милиони долари дневно – Два носачи на авиони во регионот. Претходни проценки покажуваат дека еден носач чини најмалку 6,5 милиони долари дневно за работа, а понови анализи наведуваат и повисоки суми.
-
43,8 милиони долари – Приближна вредност на 1.250 „камикази“ дронови, ако се земе просечна цена од 35.000 долари по дрон.
-
130.000 до 150.000 долари по час лет – Бомбардери Б-2, кои исто така биле користени во нападите.
-
2 милиони долари по ракета – Ракети „Томахавк“, кои се користат за прецизни удари врз оддалечени цели.
-
12,8 милиони долари по единица – THAAD антибалистички ракетни пресретнувачи, наменети за одбрана од непријателски напади.
































